Реакција од кабинетот на градоначалникот во врска со пресот на ВМРО-ДПМНЕ

Во врска со денешната прес-конференција на ОК ВМРО-ДПМНЕ, на која беше обвинет градоначалникот Александар Петрески дека со повеќе чинови го уништува градот Охрид, со реакција излегоа од кабинетот на градоначалникот.

„Во недостаток на подготвеност за надминување на политичката криза во Република Македонија и уништување на демократијата, ОК на ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ги залажува граѓаните, постојано преповторувајќи теми, како што е паркирањето во Охрид.

На денешната прес конференција, без аргумент ги обвинија градоначалникот Александар Петрески и  Локалната самоуправа  дека објавиле тендер за издавање под закуп на паркинзи по распишувањето на локалните избори. Ако го отворат  весникот Вечер од 9 јануари 2013 година и ја прочитаат официјалната објава  и самите ќе видат дека јавно изнесуваат невистини.

Доколку паркирањето и паркинзите и натаму им се централна политичка тема, тогаш нека видат што се случува во градовите каде градоначалниците се од нивната партија ВМРО-ДПМНЕ. Ги потсетуваме дека сега во Охрид не се наплаќа паркирањето, а кога се наплаќаше имаше пониска цена, споредено со другите градови.

Нека се запрашаат кој дозволил, за да се влезе во Клиничкиот центар или така виканата Државна болница во Скопје, граѓаните од целата држава кои носат болни луѓе мора да платат по 100 денари за паркирање. При тоа тие не се сигурни дека ќе најдат паркинг место во близина на клиниката во која се упатени, па мораат и да платат и во раце да ги носат болните граѓани.

Ова е само еден од примерите, од кои може да се види дали ВМРО-ДПМНЕ води грижа за интересите на граѓаните или пак предизборно, со неаргументирани напади, сака да спечали некој политички поен. Очигледно е дека за нив тесно партиските интереси, се над граѓанските, па и над државните“. – стои во реакцијата од кабинетот на градоначалникот Александар Петрески.