За едукација на здравствените работници за оваа година со која ќе бидат опфатени 500 доктори, специјалисти, специјализанти, општи лекари и сестри обезбедени се 30 милиони денари од буџетот на Министерството за здравство, изјави министерот за здравство Никола Тодоров.
Тој појасни дека обуката е бесплатна, а средствата се наменети за трошоци за престој и за патните трошоци за здравствените лица. Слична програма е предвидена и за следната година, а целта е вели, целосна промена на пристапот, на нивото на знаења и вештини кај докторите и особено за методи кои не се изведувани кај нас во Македонија и за кои пацинетите досега се праќале во странство, како и за целосно искористување на апаратите.
„Ова е исклучително битно за нас затоа што докторите досега беа препуштени сами да се снаоѓаат за нивна доеадукација. Затоа што волја кај докторите за доедукација за нови методи секогаш постоела, но биле приморани да тропаат по врати на веледрогерии, на фирми, да бараат спонзорства и донации за да може да се едуцираат, а потоа тоа знаење и вештина што ќе го стекнат да го користат за подобрување на здравјето за целата нација. Ако е тоа така тогаш државата има обврска да инвестира во подигнување на нивните вештини, од една страна за добро на пациентите, од друга за добро на докторите“, рече министерот за здравство Тодоров по отворањето на Лабораторија за морфолошки и функционални нарушувања на локомоторен систем и на Имунолошка лабораторија на Клиниката за ревматологија во Скопје.
Првите кандидати за обука од оваа година се веќе заминати во странство, а досега низ Програмата за доедукација поминале 89 доктори и сестри.