МВР останува еден од главните поддржувачи на МАРРИ иницијативата

“Република Македонија како дел од регионалните иницијативи за соработка, го издигнува како еден од најважните елементи на својата надворешна политика, односот на постигнување на критериумите за пристапување во евро-атлантските структури. Во таа насока, главен приоритет на Република Македонија е сегментот на справување со илегалната миграција, злоупотреба на визната либерализација, а со тоа и намалување на барателите на азил од Република Македонија“, истакна меѓу другото, заменик министерот за внатрешни работи Џељаљ Бајрами во своето денешно обраќање на МАРРИ Форумот што вчера и денес се одржува во Сараево, Босна и Херцеговина а во организација на МАРРИ Регионалната иницијатива за миграција, азил и бегалци и министерството за безбедност на БИХ.

Притоа заменик министерот Бајрами се осврна на низата аспекти на меѓународна соработка вклучително и соработка што се остварува преку МАРРИ Регионалниот центар како образец на стратешко делување на МВР којшто треба и во иднина да се развива како на билатерално така и на мултилатерално рамниште. 

„Согледувајќи ги придобивките од постоењето на МАРРИ Регионалниот центар, Република Македонија и Министерството за внатрешни работи, остануваат еден од главните поддржувачи на проектите на оваа Иницијатива, давајќи натамошен силен импулс во унапредувањето на регионалната, но и на пошироката европска безбедност“– потенцираше заменик министерот Бајрами.

Инаку, МАРРИ Форумот на кој што присуствуваат претставници на Република Македонија, БИХ, Република Црна Гора, Република Србија Република, Албанија и Република Хрватска, претставува исклучителна прилика за разговор околу сите активности поврзани со законските миграции, за продолжување на заедничката борба против илегалната миграција и прашања од областите кои се од големо значење за сите земји во регионот во процесот кон пристапување во Европската Унија.