Македонија на светската културна мапа – Спектакл кој треба да се доживее

Со еклектичниот настап на култниот детроитски диџеј Дерик Меј и Македонската филхармонија во автентичниот простор на Античкиот театар во Охрид утре, 2 август, со почеток во 22 часот, Македонија ќе биде ставена на светската музичка мапа. Организаторите најавуваат досега невидено шоу на овие простори.

Дерик Меј е долгогодишен пријател на Македонија. Досега има настапувано преку десет пати на различни сцени низ земјава, која ја сака, во која стекна пријатели, во која ужива во природните убавини и културни наследства и чија храна ја обожува. На овој значаен ден за Македонија, 2 август, под отворено небо, љубителите на музиката, ќе имаат можност да присуствуваат на несекојдневен музичко-сценски спектакл насловен „Музика Универзалис“. Легендарниот диџеј и еден од пионерите на детроитската техно-сцена, ќе настапи заедно со Македонската филхармонија, а за оркестарските аранжмани на музиката на Меј, е задолжен македонскиот музички уметник Емин Џијан. Оркестарот ќе биде збогатен и со магичниот звук на пијаното, во изведба на нашата афирмирана пијанистка Емилија Потевска. Идеен творец и продуцент на овој настан е Огнен Узуновски – Оги, сопственик на продуцентската куќа „Излет мјузик“ и најблискиот пријател на Меј во Македонија, еден од неколкумината луѓе од светот, кој бил неколку пати досега гостин на Дерик Меј во неговиот дом и студио во Детроит. Проектот е под покровителство на Министерството за култура. Концертот ќе претставува фузија од електронска и класична музика, фантастични светлосни ефекти, видео и аудио поддршка, специфични костими. За останатото од екипата велат треба да се види за да може да се доживее.

Огнен е идеен творец и продуцент на овој музички спектакл, за кој вели дека идејата си дошла многу спонтано и природно. Тој ја следи детроитската музичка сцена веќе подолго време и негов впечаток е дека таа е блиска до нашиот традиционален начин на доживување на музиката.

„Со организацијата на првиот настан од проектот наречен „Точка на топење“, кој се случи 2000-та година во Охрид, се запознавме и лично со Дерик Меј, кој сосема нормално се вклопуваше во оваа идеја за соединување на овие два музички концепти. На почеток личеше на идеја, која е сложена за реализација, но откако го запознав Џијан Емин, целиот концепт стана реалност “ вели Узуновски.

Ова претставува реализација на еден негов сон. Наедно овој проект е само почеток на еден циклус од настани, кои ќе дадат нова вредност во нашиот културен живот, надоврзувајќи се на богатата музичка традиција. ТОј има за цел секое лето понатаму да прави ваква соработка со нашата филхармонија и останати светски диџеј имиња на различни локации низ Македонија, како што се другите антички театри низ земјава.

Благодарение на Огнен, Дерик Меј досега има десетина пати настапувано низ Македонија. За целиот тој период овие двајца амбициозни и реализирани поклоници на креативното, воспоставиле многу близок пријателски однос.

„Така што кога му ја презентирав идејата беше воодушевен. Тој ја запозна и истовремено засака Македонија со сите свои кутурни вредности. Едноставно препозна потенцијал во ова соединување на неговата музика со Македонската Филхармонија“. Од друга страна овој проект и низата кои следувата следниве години се и од голема туристичка реклама за нашата земја во светот. Мислам дека ова е повеќе од туристичка реклама. Повеќе би рекол дека ова е позиционирање на Македонија на пошироката светска музичка, а воедно и културна сцена“.- вели Огнен.

Дерик Меј е познато име за македонската публика. Тој е еден од пионерите на техно-сцената во Детроит, а критиката го нарекува Мајлс Дејвис во светот на техно-музиката поради неговиот оригинален, комплексен и меланхоличен стил. Од ладните и безживотни машини, Меј создава топлина, продуховеност и фантастична инспирација. Неговите настапи се познати по тоа што тој има ретка моќ публиката да ја доведе до лудило. Овој негов најнов проект со симфониски оркестар, ќе ја соедини артифициелната музика со благородниот звук на класичните инструменти. Меј ќе настапи со музика создавана во текот на осумдесетите и почетокот на деведесетите години.

„Таа компилација на музика остави силен печат во современата електронска музика. Многу сум задоволен од оркестрацијата на Џијан. Работејќи на проектов стекнав доверба во квалитетот на македонските музичари, кои се инволвирани и затоа сум убеден дека мојата музика, заедно ќе ја претставиме на вистински начин во Античкиот театар во Охрид. Едвај чекам!“– рече Меј,

Музичарот Џијан, вработен во Македонската филхармонија ја направи оркестрацијата на музиката на Детроитскиот диџеј. Како основа ја користи музиката на Меј, која е разглобена на најминимални делови – мотиви, од кои понатаму се градат целосно нови композиции со многу внатрешни контрасти.

Музиката  изобилува со различни мелодиски и ритмички структури, кои се испретплетуваат во единствен звук, кој е аморфен и се претопува во многу бои. На концертот на 2 август ќе бидат изведени и две мои композиции, кои ги напишав специјално за овој настан“.
Досега Емин имал прилика да работи оркестрација на техно ритам. И тоа на музиката на Кристијан Смит и Џон Селвеј, кои имаа концерт со Македонската филхармонија во 2008та година.

„За тој концерт концептот беше само да се оркестрира музиката на диџеите и според мене беше доста успешен настан. Во проектот „Музика Универзалис“ имам голема слобода во музичкиот израз и во градењето на формата и овој концерт ќе биде премиерно дело од музика која досега не е слушната. Секако дека познавачите на Дерик Меј ќе ја препознаат  неговата музика и енергија. Се обработуваат дел од најпознатите негови хитови : „Strings Of Life“, „Kaotik Harmony“, „Icon“, „It Is What It Is“….- истакнува Џијан.

За тоа како звучи во зборови искажано тоа претопување на техно битот во изведба на живи инструменти Џијан вели:

„Симфонсискиот оркестар изобилува со најразлични групи на иснтрументи : жичани, дрвени дувачки, метални дувачки  и удирачки инструменти. Во сите групи има многу инструменти кои се делат според опсег на тонска висина и боја. Со комбинирање на овие инструменти  се раѓаат нови бои, кои носат единствено звуковно доживување. Нормално, сето ова зависи од креативноста и техничкото знаење на композиторот. Со зборови е тешко да се објасни како ќе звучи концертот на 2 август. Тие што ќе бидат таму ќе можат да кажат како ја доживеале музиката“. – вели Џијан.

Тој и Дерик се запознале уште минатата година и тогаш за првпат прозбореле дека е возможно да се реализира ваков настан. Неодамна, Џијан му дал да слушне дел од оркестрираната музиката за концертот и Меј бил пријатно изненаден.

„Дефиниравме во кој правец ќе се движи музиката и музичката комуникација беше доста едноставна и лесна“.-рече Џијан.

Земајќи предвид дека Џијан ќе диригира со оркестарот, неговите очекувањата од нашите филхармоничари се големи.

„Музичарите од филхармонијата се мои колеги и со повеќето веќе свириме заедно 20 години. Ги знам многу добро можностите со кои располагаме и нивото на флексибилност е многу поголемо од пред 7-8 години. Оркестарот е подготвен за ваков настан бидејќи во последниве години има свирено многу концерти, кои не се од класичен тип. Јас за првпат официјално ќе се појавам во улога на диригент и посебно ми е драго што тоа ќе биде со Македонската Филхармонија“. заврши Џијан.

Derrick May