Во натпревар со голем број пресврти во салата „26 Април“ во Гевгелија, Кожув ја оствари првата победа во разигрувањето за пласман и се задржа на врвот на табелата во групата.
И покрај повредата на стартниот плејмејкер Игор Мијаиловиќ кој не можеше да настапи на мечот, Кожув многу подобро почна во првата четвртина и рано стигна до прва двоцифрена предност. Предводен од Александар Штерјов кој одигра одлично под кошевите на двете страни, Кожув го заврши првиот период со предност од 20-13. На стартот на втората четвртина, избраниците на Марјан Србиновски имаа сериозни проблеми со реализацијата, а првиот поен го постигнаа дури по шест минути игра, што резултираше со пресврт на Морнар и резултат од 36-29 за гостинскиот состав на полувремето.
Сепак, со стартот на второто полувреме, успеаја домашните кошаркари да ги спречат разиграните Ѓуришиќ и Павиќ и додека одбраната функционираше како што треба, резултатската негатива постепено се топеше и Кожув повторно го врати водството. Во завршницата, Дарко Радуловиќ постигна две важни тројки, под кошот помогна и Кирил Павловски и Кожув со само осум примени поени во последната четвртина, стигна до конечен триумф од 72-64.
Александар Штерјов го заврши мечот како најефикасен поединец реализирајќи 20 поени со 6 скокови, а меѓу поистакнатите беа и Караџовски и Пековиќ. На спротивната страна, покрај Ѓуришиќ кој постигна 13 поени, двоцифрени беа и Павиќ и Дамјановиќ. Статистика од натпреварот.
Со оваа победа Кожув се задржува на врвот на табелата во пониската група и заедно со пренесените четири бодови од првата фаза, сега има шест. Во наредниот меч, закажан за 20 февруари, гевгеличани гостуваат на Ѓуро Ѓаковиќ во Хрватска, односно на тимот со кој се очекува да ја водат главната борба за седмото место.