Со државна помош 930 лица добиваат можност да почнат сопствен бизнис преку Програмата за самовработување, за која денеска објави оглас Агенцијата за вработување.
Лицата што ќе аплицираат за почнување бизнис од државата добиваат 185.000 денари неповратни средства за набавка на опрема и репроматеријали и 16.897 денари за основни обуки за водење бизнис и регистрација, односно вкупно 201.897 денари.
Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски на прес-конференција со директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски информира дека невработените лица што ќе аплицираат ќе добијат поддршка за реализација на нивната бизнис-идеја преку обезбедување обуки со советување за изработка на бизнис-план и за планирање и управување со бизнис, што ќе трае пет дена. Во изминатите години обуките што се спроведуваа за Програмата за самовработување траеја два дена, а според Ристовски зголемениот број на деновите за обука сега треба да обезбеди подобар квалитет на бизнис-плановите.
За Програмата за самовработување, која е дел од Оперативниот план за активни мерки за вработување за 2013 година, посочи министерот Ристовски, во изминатиот период постоел голем интерес. Минатата година за 900 самовработувања аплицирале 4.783 лица. Од 2007 година заклучно со минатата година досега се регистрирани 4.840 нови бизниси.
Досегашните шестгодишни оперативни планови, информира ресорниот министер, опфатиле повеќе од 45.000 лица, дел со директни вработувања и работни ангажмани, дел со обуки и практична работа за подобрување на нивните работни способности и вештини со цел олеснување до пристапот на пазарот на труд.
Според директорот на Агенцијата за вработување, анализата на мерката за самовработување во изминатите шест години покажала дека 77,2 проценти од досега финансираните бизниси по тој основ заклучно со 2010 година опстојуваат се уште и се успешни. Од вкупно 4.840 лица колку што досега добиле грант, 85 проценти се се уште во работен однос, од кои 77 проценти во свои фирми, а останатите во други правни субјекти. Од вкупно дадените финансии за самовработување за 2010 година, 28,2 проценти го прошириле својот бизнис и овозможиле дополнителни вработувања.
„Од денеска стартуваме со прием на апликации, а од среда со еднодневна обука за да сите што аплицирале полагаат електронски тест. Како и минатата година тестот е составен од серија прашања и не може да се случи две лица да добијат тест со исти прашања“, најави Поповски.
Преку програмата за самовработување, според него, има интерес за отворање бизниси за сите области, пред се за трговија, мали занаетчиски бизниси, поголеми производствени бизниси, земјоделство…