Македонски лекари и останатиот медицински кадар ќе се обучуваат на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Тексас. Меморандумот за соработка е потпишан во рамки на посетата на македонскиот министер за здравство на Медицинскиот центар „Херман Мемориал“ во Хјустон.
Документот е потпишан од страна на министерот за здравство Никола Тородов, главниот управител на Медицинскиот центар „Херман Мемориал“, Крег Кордола, деканот на Центарот за медицинска наука при Медицинскиот факултет, Џузепе Коласурдо и претседателот на Медицинскиот центар, Роберт Робинс.
Меморандумот ќе се фокусира на следните медицински области: кардиоваскуларна хирургија, неврохирургија, рехабилитација, ортопедија, трансплантација, неонатологија и педијатрија.
„Ова значи дека рамката на меморандумот овозможува македонските лекари и останатиот медицински кадар да имаат пристап до врвна обука, можности за научна надградба кои ги нуди Медицинскиот факултет на Универзитетот на Тексас, како и проширување на соработката со другите здравствени установи на Медицинскиот центар на Тексас во понатамошната соработка“, информира Министерството за здравство.
Медицинскиот центар во Тексас во чиј состав е и болницата „Херман Мемориал“ е еден од најголемите медицински центри во САД составен од 54 здравствени институции.