По денешната прес конференција на која што ВМРО-ДПМНЕ го обвини Секторот за економски развој, дека е на врвно место во неуспешното работење на Локалната самоуправа, реагираа и од кабинетот на градоначалникот Александар Петрески.
„Следејќи ги партиските упатства за секојдневно дефокусирање на јавноста од реалните проблеми и длабоката политичка криза, ОК на ВМРО–ДПМНЕ, продолжува да манипулира со јавноста . По секојдневните, неосновани напади, врз градоначалникот Александар Петрески, сега почнаа да се занимаваат и со работата на државните службеници и раководителите во локалната администрација.
Во низата обвинувања за работата на Секторот за туризам и локален економски развој, на денешната прес конференција се занимаваа и со туристичките каталози, наместо да се запрашаат со што нивната влада во изминативе години, придонесе за развој на туризмот. Барем да признаеја дека наместо помош, на охриѓани им направија огромна штета со „герила“ спотовите во кои не претставија како најнегостопримлив народ во овој дел од светот.
Јавноста знае дека за изработка и емитување на тие спотови беа платени неколку стотици илјади евра. Парите беа испрани и заедно со оние од другите владини кампањи сега ќе бидат употребени за лажирање на претстојните локални избори. За секој случај, веројатно имаат и дебели конта од испрани милиони евра од проектот Скопје 2014.
Граѓаните сериозно се загрижени поради ваквото однесување на ВМРО-ДПМНЕ кое води кон целосно битисување на демократијата и апсолутстичкото владеење. Граѓаните знаат кој колку придонел за Охрид и тие ќе кажат кој треба да ги одбројува деновите“. – се вели во реакцијата од кабинетот на градоначалникот Александар Петрески.