Министерот Бесими и генералот Котески присуствуваа на заедничка обука на специјалци на АРМ и на Армијата на САД

„Кога ние говориме дека секој ден работиме на членството на НАТО и секој ден сме чекор поблиску, тоа се однесува токму на вакви подготовки. Ова што денеска го правиме е пред сè за мировната мисија на АРМ како на домашен, така и на меѓународен план“, истакна министерот за одбрана на Република Македонија, Фатмир Бесими на денешната презентација на дел од заедничката обука во зимски услови на припадниците на специјалните сили на АРМ и 10. Група на специјални сили од вооружените сили на САД.

Организација на привремена база на снег, патролирање на снег со скии и кожи, симулирање на пребарување и спасување лица и опрема во лавина, со бипери „Баривокс“, како и евакуација и реанимација на затрупани лица, беа четирите работни точки што специјалните сили на АРМ и на Армијата на САД ги изведоа во рамки на обуката која, во својата следна фаза продолжува и на АП „Криволак“.

Министерот Бесими нагласи дека ова е проект во рамки на билатералната соработка со САД, со кои имаме долгорочно стратешко партнерство на патот на современување на АРМ согласно највисоките стандарди на НАТО и воедно додаде дека АРМ придонесува кон етаблирањето на глобалниот мир, додека во мировните мисии ги има достигнато највисоките резултати и признанија. Во оваа пригода министерот посочи дека од 1993 година досега вкупната американска поддршка изнесува 130 милиони долари, а над 300 припадници на АРМ се обучени во високите воени школи на САД.

Началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески посочи дека во текот на 2013 година припадниците на АРМ ќе изведуваат поголем број заеднички вежби со армиите на земјите-членки на НАТО, но и земјите партнери кои не се членки на Алијансата.

„Единиците на АРМ ќе изведуваат обуки на целата територија на Република Македонија со цел да го запознаат теренот, но и да ја развиваат координацијата со локалните институции надлежни за одбраната и безбедноста“, истакна генералот Котески.

Заменик амбасадорот на САД, Брајан Агелер посочувајќи дека војниците од Македонија и од Амерка на Попова Шапка се рамо до рамо, исто како во Авганистан, изјави дека е имаме многу предизвици во светот, но истовремено и многу успеси во заедничката работа.

„Партнерството меѓу Македонија и САД има многу аспекти, а ова денеска е само еден одличен пример. Јас се надевам дека во иднина ќе имаме многу повеќе вежби тука во Македонија“, додаде заменик амбасадорот Агелер.

Соработката во областа на одбраната помеѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави се развива уште од 1994 година, кога беше потпишан Меморандумот за соработка во областа на одбраната, трет по ред по Меморандумите за соработка со Р.Словенија и Р.Турција, додека во 2008 година потпишана беше и Декларацијата за стратешко партнерство.