Во рамките на проектот на Вестминстер фондацијата за демократија „Улогата на парламентите и владите во промовирање на конкурентноста и економскиот раст во земјите од Западен Балкан“, претседателот на Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Владанка Авировиќ, учествуваше на промоцијата на регионалната студија: Eкономски и европски перспективи на земјите од Западен Балкан, што се одржа на 5 февруари 2013 година во Белград, во Народното собрание на Република Србија.
Како раководител на парламентарната мрежа на комисиите за економија и финансии на земјите од Западен Балкан, г-ѓа Владанка Авировиќ, ги поздрави учесниците на промоцијата на регионалната студија.
Беше истакнато дека проектот на воспоставување на парламентарни мрежи во регионот, конкретно во земјите од Западен Балкан, ќе придонесе за многу поплодна соработка, како и нивно економско зближување.
Посебен акцент беше даден на подобрување на конкурентноста и трговската размена. Парламентите треба да ја имаат најбитната улога во тој процес, посебно во услови на економска рецесија и преземените мерки за нејзино надминување. Во тој дел, Република Македонија направи многу реформи кои одат во насока за побрзо надминување на економската криза. Тоа ќе биде голем чекор до потполно интегрирање на регионот во Европската унија.
На промоцијата на регионалната студија учествуваа г. Небојша Стевановиќ, претседател на Народното собрание на Република Србија; г-ѓа Александра Томиќ, претседател на Комисијата за економски прашања во Народното собрание на Република Србија; г. Алекс Романиук, раководител на програмата за Европа од Вестминстер фондацијата за демократија; г-ѓа Славица Пенев, виш научен соработник од Институтот за економски науки од Белград; проф. Фикрет Чаушевиќ од Економскиот факултет од Сараево; г-ѓа Милица Делевиќ, претседател на Комисијата за ЕУ интеграции во Народното собрание на Република Србија; г. Властимир Вуковиќ, претседател на Научниот совет за економски науки од Белград и г. Александар Дамјановиќ, претседател на Комисијата за економски и финансиски прашања во Парламентот на Црна Гора.
Проф. д-р Фикрет Чаушевиќ од Економскиот факултет од Сараево истакна дека во однос на досегашните реформи, Република Македонија досега направи најмногу во споредба со сите земји во регионот и пошироко. Беше посочено дека високото рангирање од страна на Дуинг бизнис на Светската банка е најдобар показател за крупните реформи што ги направи Република Македонија.