Кинеска вечер на Охридско лето

Вечерва, на затворањето на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“, концерт ќе одржи симфонискиот оркестар на Шенжен, Народна Република Кина. Концертот насловен „Мелодија на Шенжен – Кинеска вечер“ ќе се одржи во предворјето на црквата „Света Софија“, а оркестарот ќе го предводи еминентниот кинески диригент Лин Даје.

Секоја година од особено значење е изборот на уметникот или ансамблот што ќе настапи на завршниот концерт. Особено сме горди што оваа година музичката програма на фестивалот ќе ја затвори реномираниот симфониски оркестар на Шенжен, кој ќе настапи под диригентската палка на маестро Лин Даје. Концертот ќе биде во знакот на Кина и музиката на познати кинески композитори, како и ремек делото на големиот руски композитор Чајковски – неговата 5-та симфонија. Со изведбата на „Недовршена рапсодија“ од македонскиот композитор Томислав Зографски се одбележува 80-годишнина од неговото раѓање. Секогаш сме горди што успеваме во реализација на идејата македонските дела да бидат изведени не само од нашите македонски изведувачи на фестивалот туку и од странски уметници посебно од еден ваков голем симфониски оркестар“, изјави на денешната пресконференција селекторот на музичкиот дел од Фестивалот Гордана Јосифова-Неделковска.

Селекторката која во 2012 година на покана на Министерството за култура на Р Кина беше претставник и член на 12- члената делегација од Југоисточна Европа потенцира дека ваквата соработка е резултат на презентирањето на нашата култура токму во Кина.

Зоу Лонг, концерт мајсторот објасни дека вечерашната изведба ќе биде концерт за виолина што наликува на кинеската опера.

„Вечерва ќе изведуваме една многу популарна кинеска музичка изведба, кинеска опера љубовна приказна многу слична со приказната на Ромео и Јулија, Музиката е прекрасна популарна и очекувам сите да уживаат“, рече Лонг.

 Директорот на оркестарот, Чен Чаунгсонг, изррази огрона почит кон македонскиот композитор Томислав Зографски

Особено ми е драго што за прв пат од постоењето на оркестарот имаме можност да изведеме македонско дело кое го подготвувавме со огромна љубов и ова дело ќе биде вклучено во редовниот репертоар и ќе го изведуваме насекаде во светот каде настапуваме“, рече Чаунгсонг.

Заедно со членовите на Оркестарот на пресконференцијата присуствуваа Амбасадорот на Р Кина Вен Женшун и претставници од Градот Шенжен, како и од аминистрацијата за култура, спорт и туризам на Шенжен, кои реализираа кратка презентација за градот.

Кјао Хонг, заменик генерален директор на Агенцијата за култура, спорт и туризам презентирајќи го градот кој има 15 милиони жители чиста средина и силна економија рече дека Охридско лето е македонски бренд кој дава прилика за културна размена на бројни уметници од целиот свет.

На програмата вечерва се дела од кинеските композитори Ванг Ксилин, Ванг Нинг и Чен Ганг, рускиот композитор Петар Илич Чајковски, како и дело од македонскиот композитор Томислав Зографски. Почетокот на концертот е во 21 часот.

kinezi1