Создадени услови за откуп на над 300 општествени станови без целосна документација

Со предложените измени и дополнувања на Законот за домување, што се во собраниска процедура,  на  повеќе од  300 семејства ќе им се овозможи да  го откупат општествениот стан што го користат, а за кој не можеле да добијат право на сопственост поради нецелосна документација.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска на прес-конференција информира дека измените се на барање на граѓаните кои не можеле да ја комплетираат документацијата, со оглед дека за некои од становите договорите се склучени пред повеќе од 30 години и не можат да се најдат ниту во архивите.

„Најчесто се соочуваме со фактот дека дел од семејствата имаат  решение, а немаат договор, или имаат договор, а немаат решение за станот. Тие договори се склучени пред  30 до 50 години. Направивме напори да  ги побараме и во архивите на Македонија и во архивите од соседните земји, но не можеме да ги најдеме. Со измените на Законот  овозможуваме сите кои ги немаат документите, во определен рок да поднесат барање до Министерството за транспорт и врски и врз основа на тоа што имаат стан без соодветен акт да го откупат“, рече Јанакиески.

Значајна новина во предложениот закон, според него, е можноста што се воведува за одземање лиценцата на управител  во зградите доколку се утврди дека правното или физичко лице по нејзиното добивање не исполнува  некој од условите.

Министерот Јанакиески нагласи дека е задоволен од досегашната примена на Законот за домување. Од истекот  на рокот за регистрирање заедници на станари во минатата година, досега се регистрирани вкупно 3.012 такви заедници. Најголемиот дел, 1.624 заедници на сопственици, се регистрирани во скопските општини,   од кои претежно во општините Центар, Аеродром и Кисела Вода. Надвор од територијата на Скопје, голем број заедници се регистрирани во Охрид и во Тетово.

Согласно податоците од Регулаторната комисија за домување, соопшти Јанакиески, досега се издадени лиценци на вкупно 26 правни лица.  Со Законот за домување, меѓу останатото, овозможивме отворање нови компании и вработување стотици лица, кои вршат услуги за управување и одржување на станбени згради, односно на нивните заеднички делови и според добиените податоци, тие опслужуваат повеќе од 1.200 станбени објекти, од кои најголемиот дел, односно повеќе од 50 проценти се во Скопје, каде има и најголема концентрација на станбени згради. Тоа покажува дека одредбите од законот функционираат и се применуваат во пракса, рече министерот за транспорт.

Сите граѓани кои користат услуги од лиценцираните управители, според Јанакиески, за секое евентуално незадоволство од добиената услуга можат да се обратат до надлежната Регулаторна комисија. Целта на овој закон е овозможување прописно одржување на зедничките делови од зградите и доколку се констатира дека некоја компанија не се придржува до законските одредби, може да биде предмет на проверка со цел да се преиспита добивањето на соодветната лиценца, појасни Јанакиески.

Со предложените одредби за измени и дополнувања на Законот за домување, меѓу другото, се даваат нови надлежности на Регулаторната комисија за домување за спроведување обуки за вршење дејности за управување со станбени згради за вработените лица во правните лица кои поседуваат лиценца за вршење дејност управување со станбена зграда. Со предложените одредби се избегнува и можноста истовремено за една зграда да постои и регистрирана заедница на сопственици и лиценциран управител, што на терен може да предизвика непријатности и нејаснотии околу тоа кој треба да ја одржува зградата.