Европско првенство за кадети и јуниори до 21 година

Берат Јакупи освои златен медал на Европското првенство во карате во Конја, Турција, во конкуренција на постари јуниори. Во најтешката категорија +76 кг македонскиот репрезентативец оствари 4 победи, и на доминантен начин дојде до златниот медал. Тоа е негово трето злато, откако беше европски првак во категорија на кадети (во Париз 2009 година) и во Измир во категорија на јуниори (2010 година), со што е првиот македонски спортист кој има европски титули во три различни возрасни категории.

Покрај златото на Јакупи кај постарите јуниори, освоени се уште две медали, и тоа Моника Пендаровска во кадетска конкуренција, како и Виктор Крстевски во конкуренција на јуниори. Освен споменатите три медали во борби, Македонија оствари и солиден пласман во кати, каде што нашите каратисти се враќаат со по едно петто место (ката тимот во состав Маријана Димоска, Мишела Димоска и Искра Каракашоска) и седмо место (Маријана Димоска) од Конја. Инаку, на Е П настапија вкупно 801 натперваруваи од 44 земји.

Согласно Законот за спорт и категоризацијата, златото од европското првенство на Берат Јакупи му донесе стипендија-спортист од меѓународна категорија во износ од 27.000 денари, со што уште еднаш се докажува дека државата секогаш ги поддржува младите спортски надежи и таленти и така ќе продолжи и во иднина.