Министерот за надворешни работи Никола Попоски, денеска оствари средба со група членови на Европскиот парламент, кои на негова покана се во посета на Република Македонија. Делегацијата реномирани европратеници-поддржувачи на европскиот интегративен процес на Македонија ја сочинуваат: претходниот претседател на Европскиот парламент Јержи Бузек (ЕПП, Полска), Туне Келам (ЕПП, Естонија), Мирослав Миколашик (ЕПП, Словачка) и Ласло Токес (ЕПП, Романија).
Министерот Попоски изрази задоволство од високото ниво на соработка меѓу Република Македонија и Европскиот парламент, како и за континуираната силна поддршка за евроинтегративниот процес на Македонија. Во фокусот на разговорите беше Нацрт-резолуцијата за напредокот на Македонија за 2012 година на известителот Ричард Ховит (С&Д, В. Британија), чие второ читање во Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент треба да се одржи кон крајот на овој месец.
„Позитивните пораки кои Европскиот парламент во континуитет ги упатува кон Република Македонија, ни даваат дополнителен поттик во нашите напори да ги мобилизираме сите ресурси во остварувањето на заедничката цел, почеток на пристапните преговори“, истакна министерот Попоски. Тој нагласи дека поддршката од нашите пријатели во Европскиот парламент е од суштинско значење.
На средбата стана збор за перспективата за определување датум за почеток на пристапните преговори за време на Ирското претседателство со Европската Унија, при што министерот Попоски ги информира соговорниците за напредокот на Македонија во клучните области кои ќе бидат во фокусот на Пролетниот извештај на Комисијата.
Европратениците се заблагодарија на гостопримството и за можноста од блиску да се запознаат со актуелните состојби во односите меѓу Македонија и Европската унија. Тие ја реафирмираа силната поддршка за неодложен почеток на преговорите за пристапување кон Унијата и изразија уверување дека напредокот кој Македонија го забележува ќе биде соодветно валоризиран во Извештајот на Европската комисија на пролет. Воедно, тие изразија разочарување поради фактот што Грција ја држи Република Македонија во заложништво и упатија повик тоа да престане. Европската Унија нема да биде потполна се додека Република Македонија и сите земји од Југоисточна Европа не станат дел од европското семејство. Тие ја повикаа опозицијата да се врати во парламентот каде што треба да се одвива политичкиот дијалог и истакнаа дека националното единство е клучно за да се оствари процесот на европска интеграција.
Заеднички беше искажана желбата за натамошно интензивирање и продлабочување на дијалогот со Европскиот парламент на повеќе нивоа, што ќе даде дополнителен придонес во промоцијата на Република Македонија во оваа важна европска институција.