На 24 февруари Светата православна црква го празнува денот на Свети Ѓорѓи Кратовски кој на овој ден 1515 година во Софија бил мачен, а потоа спален, на 18 годишна возраст. По занает бил кујунџија и останал како заштитник на златарите и кујунџиите. Македонец од градот Кратово. Во срцето и со сета душа христијанин. Имал осумнаесет години кога Турците сакале да го потурчат, но останал тврд во верата како прекрасен дијамант. Тогаш Турците го мачеле со најлути маки и најпосле жив го запалиле. На 8 јуни (нов стил) моштите на Св. Ѓорѓи Кратовски биле пренесени во црквата и овој ден светата православна црква го празнува како втор празник поврзан со името на овој светец. На иконите Св. Ѓорѓи Кратовски е претставен како голобрадо момче во кошула со крст во десната рака и маслинова гранка во левата. Над ореолот има напис: „Свети Ѓорѓи кој настрада од Селим.“ Неговиот лик бил насликан во црквата „Св. Ѓорѓи“ во с. Патралица – кривопаланечко во манастирот „Студеница“ и др. места. Во црквата „Света Богородица“ во Скопје бил претставен со крст во десната и книга во левата рака. Од 17 век е сликан во национална носија. Култот на Св. Ѓорѓи Кратовски од Македонија се проширил и во Србија, Бугарија и Русија.