Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ реагира на ставањето на 80-те точки на седница на Советот

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Охрид реагира на несоодветното и коруптивно однесување на Градоначалникот Петрески и Локалната самоуправа искажано преку ставањето на 80 точки на седница на Советот кои се однесуваат на утврдување потреба од донесување на урбанистичко планска документација за изработка на урбанистички план или тнр.процес на легализација на бесправните градби.

„За нас во ВМРО-ДПМНЕ не е спорна потребата за легализација која впрочем е и проект на владата на ВМРО-ДПМНЕ, но несомнено е спорен моментот кога овие предмети се ставаат на седница на Советот. Во моментов длабоко сме навлезени во изборен процес за локалните избори и сметаме дека превземања на вакви дејствија се спротивни на Изборниот законик и преставуваат нарушување на процесот заради можноста и намерата за манипулација со интересите на граѓаните во процесот на легализација на нивните објекти и нивното усогласување со урбанистичките планови. Впрочем манипулирањето и коруптивното однесување се основниот белег на оваа Локалната самоуправа предводена од СДСМ и сега пред нивното заминување треба да престанат со нанeсувањето на штети кон заинтересираните граѓани и кон Охрид воопшто. Фактот што досега Општина Охрид слабо работела на легализацијата на објектите  и за тоа секако ќе плати пенали ,не може да се покрие со манипулаторскиот обид на ставање на предметите за легализација на дневен ред во изборен период. Овој став го изнесовме  при поставувањето на точките  од оваа сфера на Дневен ред на последната седница и го повторуваме и сега“. – велат од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат дека со оглед на сомнежите дека ваквиот чин во ваков момент на само два дена пред почеток на изборна кампања а сред изборен процес отвора можности за корупција и е спротивен на изборните закони, ја повикуваат Локалната самоуправа и Градоначалникот на Охрид да ги повлечат точките од оваа сфера и да ја одложат седницата закажана на 1.03, а истовремено и јавно ја повикуваат Антикорупциската Комисија итно да реагира и да се изјасни за ваквата постапка на Локалната самоуправа Охрид.

Воедно тие потенцираат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе застане без исклучок зад процесот за легализација на бесправно изградените објекти, во законска процедура, без никакви манипулации, со забрзано темпо  и тоа веднаш по официјализирањето на новиот Градоначалник и на новиот состав на Советот на Општина Охрид во месец Април.