ВМРО-НП: Да се води грижа за водостојот на Охридското Езеро

Општинскиот комитет на  ВМРО-НП  укажува  на опасноста дека во наредниот период водостојот на Охридското Езеро уште повеќе ќе се зголемува и на последиците од таквата ситуација.

„Највисоката дозволена кота на езерото е 693.75 мнв, а сега нивото на езерото е за 8 cm над максимално дозволеното ниво. За очекување е дека во наредниот период нивото на езерото уште повеќе  ќе се зголемува. Тоа се темели на фактите дека снеговите во околните планини се уште не се стопени, туку напротив во наредниов период  се очекуваат нови врнежи на дожд. Досегашните искуства  ни кажуваат дека интензивното топење на снегот настанува во месеците март и април, кои од своја страна се месеци и со најобилни врнежи на дожд. Оваа состојба  се должи меѓудругото и  заради несоодветното управување со водостојот на Охридското езеро, како хидроакумулација од страна на ЕЛЕМ. Со цел да се акумулира што повеќе вода во езерото како хидроенергетски потенцијал ЕЛЕМ неоправдано го држеше високо нивото на езерото од месец септември до месец јануари. Сега ни се случува нивото на езерото да се зголемува односно дотекот на водите е поголем од истекот преку реката  Црн Дрим.  Последиците од таквото лошо менаџирање со езерото  може да предизвикаат штети на обработливото земоделско земјиште, претпријатијата, патиштата, сообраќајниците и воопшто на животната средина. Зголеменото ниво на езерото по принципот на сврзани садови доведува и до зголемување на нивото на подземните води кои пак може да поплават подруми и други приземни простории“, велат од ВМРО-НП.

„Зголеменото ниво на езерото  ја нарушува работата на колекторскиот систем, а со тоа и работата на секундарната канализациона мрежа. Високото ниво на подземните води доведува до откажување на пумпите во препумните станици на фекалната канализациона мрежа заради нивното непрекинато работење. Заради високото ниво на езерото просто е невозможно службите за водоснабдување да ги острануваат дефектите на водоводната мрежа која минува покрај брегот на езерото. Не е доволно ние како граѓани да си ги измируваме обврските према ЕЛЕМ, туку и повратно ЕЛЕМ од своја страна треба домаќински и одговорно да стопанисува со државното богатство кое  им е отстапено на користење. Должност на ЕЛЕМ и на Владата на Република Македонија е превентивно  да ги чистат и одржуваат речните корита на Црни Дрим и Сатеска, но и на другите реки во ова сливно подрачје“, потенцираат од партијата.

„Ако во септември се исчистеше и уредеше коритото на Црни Дрим на потегот од браната до централата Глобочица, тогаш преку преливот на браната можеа да се испуштат и поголеми количини на вода. Исто така со градежни зафати во есента требаше да се зголеми пропусната моќ на Црни Дрим од излезот на Струга, па се до вливот во Глобочичко езеро. ЕЛЕМ и Владата на Република Македонија најитно треба да го уредат старото речно корито на река Сатеска на потегот од с. Волино, па се до вливот во Црни Дрим. При енормно големи врнежи  дел од водите на река Сатеска директно преку старото речно корито треба да се насочат директно во река Црн Дрим“, додаваат од ВМРО-НП.

ВМРО-НП со ова сака уште еднаш да им укаже на надлежните во државава за тешката состојба во која може да се најдат општините Охрид и Струга заради високиот водостој на Охридското Езеро и дека мерките кои  досега се преземени оддалеку не одговараат на вистинските потреби.