Делегација на Општина Охрид положи свежо цвеќе во родната куќа на Марко Бошњаков

По повод одбележувањето на 105-тата годишнина од смртта на гемиџијата Марко Бошњаков, денеска во неговата родна куќа, делегација на Општина Охрид, положи свежо цвеќе.

Денеска се навршуваат 105 години од смртта на Охридскиот гемиџија, Марко Бошњаков. Тој е роден во 1878-та година. Основното образование го завршил во Охрид, а со запишувањето во Солунската гимназија бил и директен сведок на раѓањето на револуционерните органи. Станал член на Гемиџиите додека учел во Солунската машка гимназија “Св. Кирил и Методиј” и учествувал во Солунските атентати. Тој го изнајмил дуќанот од спротивната страна од Отоманкста банка во Солун, од таму се ископувал тунел до темелите на банката и бил поставен динамитот. Подоцна во тој дуќан Јордан Поп Јорданов го запалили фитилот и ја разнел Отоманската банка. На 28 април 1903 година Марко Бошнаков заедно со Јордан Поп Јорданов, Димитар Мечев – Мечето, Константин Кирков, Илија Трчков, Владимир Пингов, Георги Богданов, Иван Арсов, Костадин Кирков, Тодор Органџиев, Тодор Богданов, Илија Поп Јорданов, Алексо Минев(сите од Велес) Павел Шатев од Кратово, Начо Стојанов, Гоце Чанев, унгарката Ана Шапец и други, ја извеле најголемата терористичка акција во своето време против Османлиската империја.

На 24 мај била донесена смртна пресуда за преживеаните гемиџии Марко Бошнаков, Павел Шатев, Милан Арсов и Георги Богданов. Според судот кој ја донел пресудата, тие дошле во Солун за да ги нападнат државните институции, банките и граѓаните за да се промени формата на владеење со румелиските вилаети. Во претсмртниот час пред неговите другари ги изговорил зборовите: “Ако телото се тркала , не дозволувајте истото да се случи и со главата”, мислата која ја изговорил во претсмртниот час гемиџијата Марко Бошњаков, и ден денес се пренесува и раскажува меѓу луѓето. Марко Бошнаков умрел на 15 февруари 1908 година в Мурзук, во либиската провинција Фезан. Преживеаните гемиџии, го исполнале заветот на Марко Бошњаков, и во услови на неможност да ги пренесат телата на загинатите гемиџии, им ги отсекле главите и ги донеле во нивните родни места. Неговиот череп од страна на Павел Шатев и Богданов бил донесен во Македонија.

Остатоците, т.е. главата на Марко Бошнаков била сместена во украсно дрвено ковчеже и била погребена на гробиштата во црквата Св. Богородица Перивлепта. Но помеѓу двете светски војни, поради отстранување на влага во црквата, извршено е отстранување на земја од северната, од источната и од западната страна, при што било извршено и отстранување на гробовите што се наоѓале на овој простор. Посмртните остатоци од сите гробови, меѓу кои и остатоците од Марко Бошнаков, биле пренесени во црквата Св. Константин и Елена, која потоа станала еден вид костурница. Веста за смрта на Марко Бошнаков е забелажана и во некрологот кој го издава Охридското друштво за помош.