Обука на тема „Новиот стратешки концепт на НАТО, Република Македонија и современите предизвици“

Центарот за обука „Д-р Џозеф Крузел“ при Секторот за човечки ресурси, согласно веќе воспоставената практика за планирање и организирање на стручно-специјалистички обуки за вработените во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија во изминатите години воспостави соработка со другите владини институции на полето на обуката и образованието.

Согласно стратешката определба за зајакнување на капацитетите на администрацијата и проширување на меѓуресорската соработка а со цел достигнување на врвните стандарди во обуката од 28.02 до 01.03.2013 година во Центарот се реализира обука на тема: “Новиот стратешки концепт на НАТО, Република Македонија и современите предизвици“.

На оваа обука учесниците имаат можност да се запознаат со суштината на Новиот Стратешки концепт на НАТО, современите предизвици и современите операции, но и за придонесот на Република Македонија во остварувањето на поставените цели со овој концепт соочувајќи се со современите предизвици во областите на енергетската безбедност, сајбер заканите, обезбедување на одржлив развој во посконтфликно дејствување, како и идните трендови во доменот на современото вооружување.

Обуката ја отвори и учесниците ги поздрави м-р Јулијана Стојанова, раководител на Секторот за човечки ресурси, а истата ја реализираат предавачи од Воената академија ,,Генерал Михаило Апостолски“ и Министертвото за одбрана. Координатор на активноста и предавач е доц. д-р Методи Хаџи-Јанев потполковник, а посебните теми ги реализираат вон. проф. д-р Славко Ангелески, полковник, вон. проф д-р Орце Поповски, полковник, доцент д-р Митко Богдановски, мајор, и д-р Југослав Ачковски, мајор и полковник Љубе Дуковски.

На обуката учествуваат претставници од Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, Министерството за внатрешни работи, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и Министерството за информатичко општество и администрација.

И оваа активност е уште една потврда на целосната посветеност и комплементарното дејствување на Министерството за одбрана и Армијата со другите државни органи во процесот на евроатлантските интеграции.