Агенцијата за вработување на 15 март ќе објави јавен повик за преквалификација во четири стручни профили кои се најдефицитарни на пазарот на трудот – гипсер монтер, фасадер, аргон заварувач и готвач во угостителски објект. Повикот ќе трае до 1 април кога ќе почне обуката за преквалификација, која е бесплатна и четиримесечна.
Во првиот месец ќе има настава, во вториот практичен дел, а останатите два месеца ќе бидат кај работодавец. Покрај тоа што ќе добијат квалификација, посетителите четири месеци ќе добиваат и по 6.200 денари, во кои е вклучено и осигурувањето. Проектот го спроведуваат МОН и Стопанската комора на Македонија.
Од јануари 2012, кога Центарот за образование на возрасни почна да верификува програми за образование на возрасни лица, досега аплицирале 35 понудувачи. Верифицирани се 22 програми за различни квалификации и доквалификации кои треба да се стекнат во краток временски рок, информираше директорката на Центарот Линдита Ќазими на прес-конференција.
Министерот за образование и наука Панче Кралев рече дека до крајот на годинава ќе имаат статистика за бројот на луѓето што досега поминале обука.
„Побитно е колку од луѓето што ги поминале обуките успеале да се вработат по нивното завршување. Денеска почнуваме програма со Стопанската комора и очекувањата се високи затоа што Комората е асоцијација на бизнис-членки. Тоа значи дека голем број на луѓето што ќе поминат низ програмите за образование на возрасни ќе може да си го најдат своето место во некоја од компаниите кои се членки на СКМ. Тоа е идејата и затоа оваа програма е посебно важна“, рече Кралев.
Претседателот на СКМ Бранко Азески соопшти дека уште сега, пред почетокот на програмата, имаат 60 барања од компании. Посочи дека стопанството имало потреба од профили, а не можело да ги обезбеди зашто досега ги немало програмите за преквалификација. Сега, рече тој, има законска рамка и едноставно решение за недостигот на квалификувана работна сила и за нејзиното бавно адаптирање во работниот процес.
„Триесет проценти од 30,6 отсто невработени лица во Македонија се лица кои бараат работа а немаат формирано основно или се со основно образование. Тоа значи дека немаат никаква квалификација и тоа е огромна армија на луѓе која чека и не може да го најде своето место на берзата на трудот. Ова сега ќе помогне да ја расчепкаме таа структура. Барањата на компаниите одат во насока на овие занимања. Ние направивме најреномираните македонски фирми да бидат местото каде што луѓето ќе се преквалификуваат. Направивме логистички центар, сопствен бизнис-центар во Стопанската комора кој ќе се грижи за тоа и на тој начин ќе помогнеме и на барањата на компаниите и на барањата на луѓето кои сакаат да се вработат. Целта ни е да го подигнеме степенот на вработеност на лицата од 20 до 64 години, од сегашните 69 на најмалку 75 отсто колку што е европскиот просек“, истакна Азески.
Зависно од видот на квалификацијата, обуките на неформалното образование ќе траат од три месеци до една година. Покрај програмите за преквалификација за четирите струки кои беа денеска промовирани, сериозен дефицит на квалификуван кадар има и во гранките градежништво, метална и електроиндустрија, текстилна, кожарска и преработувачка индустрија. Нив ги детектирала Стопанската комора во своите анализи. Откако Центарот за образование на возрасни ќе верификува програма што води до преквалификација на одреден профил, обуката ќе ја организираат провајдерите т.е. понудувачите на услугите.