Состојбата на браните без промена, водата од поплавените делови се повлекува

Состојбата со браната на Слатинско Езеро е непроменета, а нивото на водата опаѓа. Водата во браната Пишица е околу 10 метри под предвиденото ниво. Испустот е поголем од дотокот на вода во браната. Во тек се постапки за санирање на настанатата ситуација од страна на надлежните служби. Исто така се расчистува и теренот низводно под браната.

Во битолскиот регион водата од поплавените површини кај селата Логоварди, Трн, Карамани, Кравари, Жабени, Оптичари, Егри, Добромири, Гнеотино и Дедебалци се повлекува и нема нови излевања.

Во кумановскиот регион од страна на Центарот за социјална заштита Куманово формирани се комисии кои ќе одат во населните места на увид и правење на список за доделување на помош – донација.

Во општина Кратово, во с.Туралево, поткопувањето на мостот (од крајот на стопата према патот) е санирано и потполнето, но се очекува увид и стручно мислење од Агенцијата за Државни патишта. Во с.Куклица извршено е санирање на речното корито на Крива Река, целосното санирање на теренот околу мостот е во тек.

Во струмичкиот регион водата од поплавените населени места во струмичко е повлечена и во текот на денот се работи на расчистување на оштетените простории од куќите и дворните места.

Во периодот од 26.02.2013 година до 02.03.2013 година, Црвениот Крст во соработка и координација со Центарот за Управување со Кризи и со насоки донесени од Координативното тело на Владата на Република Македонија, во општините кои беа зафатени од поплавите: Куманово, Свети Николе, Штип, Пробиштип, Струмица и Валандово имаат дистрибуирано 851 пакет за хигиена, 298 пакети со прехранбени продукти, 340 душеци, 1.800 ќебиња, 180 пара чизми, 120 вреќи за спиење, 145 прибори за јадење (комплет), 65 церади и 7.000 литри вода.

Во наредните денови Црвениот Крст стои на располагање со расположливите ресурси и залихи кои ќе бидат дистрибуирани во соработка со ЦУК и Координативното тело.