Турција не е само еден од нашите најголеми политички сојузници, туку прераснува во еден од најдобрите економски партенри, порача премеирот Никола Груевски во обраќањето на турско-македонскиот бизнис форум во организација на Стопанската комора Македонија-Турција (МАТТО) што вчера се одржа во Скопје.
Билатералната трговија меѓу двете земји, нагласи, е зголемена за осум пати во последните две децении со што Турција е деветтиот најзначаен трговски партнер на Македонија.
„Се надевам дека потнцијалите за соработка меѓу двети земји и во иднина ќе бидат искористени, а уверен сум дека постојат огромни потенцијали за соработка. Ги повикувам турските инвеститори да ги искористат поволностите што ги нуди Македонија и да инвестираат. Очекувам денешниот бизнис форум да биде во таа насока“, посочи Груевски.
Како Влада, додаде, се декларираме и максимално се трудиме да бидеме блиски и пријателски расположени кон бизнисот.
„Веруваме дека напредокот на државата во голема мера зависи од напредокот на бизнисот и токму затоа сме во постојан контакт и комуникација со стопанските комори и со компаниите во Македонија. Разменуваме мислења со нив и примаме идеи кои ќе му помогнат на стопанството“, рече Груевски.
Во соработка со стопанските комори, додаде, ќе вложиме напори за подобрување на деловната клима и подигнувањето на капацитетот на институциите во Македонија.
Потсети дека земјава е на 23. место во светот според добрата бизнис клима и ги истакна поволносите кои се нудат за странските инвеститори, како што се рамниот данок и вложувањето во технолошко-индустриските развојни зони.
Прашан каде ја гледа земјава по 10 години на економски и на политички план, рече дека ја гледа како членка на НАТО и на ЕУ.
„Не за десет години, туку и порано ја гледам Македонија како членка на Европската унија и на НАТО. Всушност членка на НАТО ќе бевме уште во 2008 година, а сега ќе бевме на крајот на преговорите со ЕУ за полноправно членство доколку на нашиот пат не се испречеше блокадата од нашиот јужен сосед поврзана со нашето име и нашиот идентитет“, рече Груевски.
Според степенот на реформи, нагласи, и степенот на модернизација и напредок, НАТО уште во 2008 објави дека земјата е целосно спремна да стане членка на Алијансата, а ЕУ уште во 2009 година оцени дека земјата е целосно подготвена за почеток на преговорите.
Претседателот на Управниот одбор на МАТТО, Тунај Ејуп Кавеџи истакна дека вкупните инвестиции од членките на МАТТО кои инвестирале или тргуваат со Македонија, а чии инвестиции се завршени или се во тек, досега изнесуваат една милијарда евра, а до 2015, како што посочи, очекуваат да достигнат до две милијарди евра.
„Една од основните цели на МАТТО е да создава силно лоби кај турските и македонските инвеститори“, рече Кавеџи.
Побара турската лира да биде конвертабилна во Македонија и вети дека Истанбулскиот универзитет ќе отвори Универзитет во Македонија специјализиран за областа на технологијата и додаде дека се заинтетресирани и за отворање турска инвестициска област во Македонија.
МАТТО е оформена во 2008 година како невладина организација и во неа членуваат деловни луѓе од Турција и Македонија.