Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски денеска во Охрид потпиша Меморандум за соработка со деканите на Педагошкиот Факултет „Св. Климент Охридски“ при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” од Скопје, Факултетот за образовни науки и Факултетот за информатика при Универзитетот „Гоце Делчев” од Штип и Педагошкиот Факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски” од Битола.
Станува збор за продолжување на иницијативата на Министерството за инфомратичко општество и јавна администрација за бесплатни обуки за граѓаните на Македонија низ целата држава, конкретно за обуки за работа со основните канцелариски апликации и за користење на интернет-алатките.
„Деканите на овие институции веднаш ја препознаа додадената вредност на овој проект оттаму што нуди можности граѓаните да можат да се дообразуваат и да стекнат знаења по односната област, а истовремено обуката ќе ја спроведуваат студентите по информатика и идните професори од таа област. Тоа за нив ќе значи нивна професионална дообразба, а истовремено и остварување на со закон пропишаната задолжителна практична настава“. – рече министерот Ивановски.
Вториот дел од иницијативата предвидува зголемување на македонските содржини на најголемата интернет енциклопедија – Википедија, како продоложение на активностите што во таа насока Министерството ги спроведува уште од 2012 година, од кога во светот на информатиката беше воведен т.н. Глобален иновациски индекс, како мерило на иновативноста на одредена земја.
„Нашите заложби одат во насока заедно со образовните институции и невладиниот сектор да ги подобриме тие статистики. Преку оваа соработка со факултетите ќе им овозможиме на студентите да ги обучуваат и граѓаните кои имаат интерес да постираат на Википедија, а дел од активностите ќе бидат насочени кон конкретни теми, како што се информации за Охрид, Скопје, Република Македонија, значајни историски настани, народни херои и слично“. – истакна Ивановски.
Деканот на Педагошкиот факултет од Битола, Јован Талевски, истакна дека оваа иницијатива претставува значајна можност за студентите да се запознаваат со новите содржини што ги нуди информатиката, а истовремено да ја спроведуваат обуката за предвидените практични часови од наставата.
Во прво време е предвидено активностите околу постирањето нови содржини на Википедија да биде насочено во сферата на туризмот, со сервисни и секаков вид информации за туристичката понуда на Македонија.