Хорските ансамбли се задоволни од третманот на Министерството за култура, кое преку годишните програми финансиски ја помага хорската музика и нејзината промоција на фестивали. Но, очекуваат Министерството да влијае врз институциите од културата во општините за да им отстапат простор за работа на хоровите.
Диригентите на неколку хорови од Македонија денеска беа примени од министерката Елизабета Канческа-Милевска за да разговараат за актуелните состојби. Често немањето простор и односот со институциите каде што работат е проблем во нивниот ангажман кој, и покрај тоа, им носи успех и награди на меѓународни хорски фестивали во изминатите две години.
Канческа-Милевска рече дека ќе побара од центрите и од домовите на култура да направат неделни или месечни распореди за проби на хоровите. Ќе прати дописи до директорите на центрите за култура, за кои како национални установи е надлежно Министерството, но и до градоначалниците на општини под чии ингеренции се домовите на култура.
Таа истакна дека Министерството ќе помага во обезбедувањето соодветни услови за работа на хоровите, ќе поттикнува формирање нови состави, подигање на квалитетот на ансамблите и ќе го поддржува творештвото кое, како што рече, е значаен сегмент и треба да бележи многу повеќе новосоздадени дела за хорска изведба.
„Хорската музика е фундамент на современата македонска култура имајќи го предвид фактот дека голем број македонски композитори, особено од првата генерација, го пронашле сопствениот јазик преку овој вид творештво. Токму затоа, дејствувањето и поддршката на овие ансамбли е високо во приоритетите на годишните програми на Министерството и со задоволство ќе забележам дека средствата за оваа дејност, од година во година се зголемуваат, истакна Mинистерката за култура. Овој вид поддршка ќе биде дополнителен стимул, хорските ансамбли низ својот уметнички израз, на автентичен начин да ги презентираат и афирмираат вредностите на македонското творештво и квалитетот на македонската репродуктива, а воедно ќе се анимира и нова, потенцијална публика за овој вид уметност“, истакна Канческа-Милевска.
Диригентот Сашо Татарчевски наведе дека проблем за хоровите е и недостиг на средства соодветни на планираните проекти или неможност да се искористат тие што се доделени, што често е последица на просторниот проблем и немањето услови да го подготват проектот за кој добиваат пари.
Диригентот на Градскиот хор „Гортинија“ од Гевгелија Илија Атанасов рече дека се задоволни што за 15-ина години првпат добиле внимание од највисоката инстанца во културата. – Ваквиот интерес и стимул ќе ги мотивира и другите области од кои зависи хорската уметност, зашто таа не е само во делот на културата, туку и во делот на образованието. Тука се училишните хорови од кои ние се напојуваме со кадар за аматерските, па и за професионалните хорови, рече Атанасов.
Во Македонија има хорски ансамбли специјализирани за разновидна музика – духовна, оперска, детска… По состав се еднородни (машки и женски), мешани и детски („Света Злата Мегленска“, „Менада“, „Лале“ хоровите при Младинскиот културен центар и КУД „Стив Наумов“, Про-арс, „Вардар“, „Гортинија“, „Мирче Ацев“…). Министерството ги поддржува и фестивалите за хорско пеење, како „Тетовски хорски одѕиви-ТЕХО“, „Охридски хорски фестивал“ и републичкиот „Фестивал на детски и младински хорови“ во Кавадарци, како и меѓународната активност на хорските состави.