Снегот ја парализира северозападна Европа

Северозападниот дел од Европа денес го зафатија обилни врнежи од снег, а илјадници домаќинства останаа без струја. Франција, Велика Британија, Белгија, Холандија и Германија се најмногу погодени земји од снежни врнежи, на помалку од 10 дена пред календарскиот почеток на пролетта.

На аеродромот во Франкфурт, трет според сообраќајот во Европа, откажани се сите летови, се додека не бидат пистите исчистени од снегот.

Застој има и во сообраќајот на линиите на брзите возови од „Еуростар“, кои го поврзуваат Лондон со француските и белгиските градови, како и линијата која ги поврзува Париз, Брисел и Амстердам со Германија.

Околу 80 илјади домаќинства на североистокот од Франција останаа без струја. Во Англија и Франција, стотици возачи ноќта ја поминале во своите автомобили, додека пак ветер проследен со силни врнежи од снег предизвика  вистински хаос во сообраќајот и во Холандија.