Кардиналите од Католичката Црква во 17 часот влегоа во Сикстинската капела, каде започна конклавата, односно процесот за избор на нов папа. Групата од 115 кардинали зад затворени врати ќе одлучуваат за новиот католички поглавар, а секој од нив е под заклетва дека овој процес ќе се чува во тајност. Тие ќе гласаат четири пати дневно додека не се усогласат две третини од гласовите за еден кандидат.
Во Сикстинската капела поставен е систем кој го попречува работењето на електронските уреди за комуникација, а доколку некој се обиде на некаков начин нешто скришно да објави во врска со изборот, ќе биде исклучен од конклавата.
Доколку папата не биде избран до сабота, тој ден конклавата нема да заседава. Во недела, по богослужбата, после пладне продолжува гласањето. Ако и до тогаш после новите 7 гласања не биде избран папа, се прави пауза. Ако не биде избран папа по 34 гласања, тогаш кардиналите ќе одлучуваат за еден од двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови.
Во последните 100 години, ниедна конклава не траела подолго од пет дена.