Одржан првиот селективен тренинг во Битола

Вчера во спортската сала „Младост“ во Битола се одржа првиот селективен тренинг за упис во кошакарската паралелка на Националната Спортска Академија во учебната 2013/14 година. На тестирањето присуствуваа 27 кошаркари и 8 кошаркарки.

Стручниот тим на Академијата, во состав Бранко Крстевски, Марјан Лазовски и Драган Василов, со младите осмооделенци одработи серија вежби и тестови, за утврдување на талентот и нивната елементарната техничка подготвеност. Секој од елементите на тестовите, вклучувајќи шут, дриблинг, додавање, водење, кошаркарски став и слично, беше прецизно оценуван, по што се добива детална слика за кошаркарската основа на секој поединец. На селективниот тренинг, кој инаку траеше два часа, присуствуваа точно 27 машки и 8 девојчиња од Битола, Прилеп, Охрид и Струга.

Денеска (13 март) ќе се одржи вториот од предвидените вкупно шест селективни тренинзи од првата фаза на селектирање за упис во учебната 2013/14. Во салата „Јасмин“ во Кавадарци, со почеток од 19:30 часот, стручниот тим на Академијата ќе работи со младите таленти од Кавадарци, Неготино, Велес и Демир Капија.

извор:МКФ