Исплатени 455,3 милиони денари субвенции за сточарите

Министерството за финансии денеска исплати 455,3 милиони денари субвенции поддршка за сточарството. Исплатени се средства за одгледувачите на говеда и овци, а вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески најави дека од следната недела ќе почне исплатата и за лозарите.

„Владата редовно ги исплаќа субвенциите, онака како што е предвидено и како што е сезонската динамика за исплата на субвенциите. Буџетот е во сосема добра кондиција и ги вршиме плаќањата. Во овој период од годината исплаќаме субвенции за млекарите, што е завршено. Вчера и денеска е во тек исплатата за сточарите. Претходно ги исплативме стипендиите за студентите и во текот на следните денови ќе почне исплатата за лозарите“, изјави денеска Ставрески.

Министерството за финансии, вчера и денеска, исплати средства на 12.403 сточари за одгледување говеда и овци. Исплатени се 196,1 милион денари на 10.693 сточари за одгледување говеда и тоа 2.800 денари по грло говедо и 259,2 милиони денари на 1.710 лица за одгледување овци, односно по 1.000 денари по грло и дополнителни 700 денари за секое оставено женско јагне.

Владата на Република Македонија продолжува со поддршката на земјоделството, како една од носечките економски гранки, преку редовна исплата на субвенциите.