Пораз на Куманово во најдобриот натпревар во историјата на БИБЛ

По 50 минути максимално изедnачена игра, во која Куманово имаше повеќе шанси за победа која би им обезбедила пласман на Фајнл Фор, Рилски Спортист успеа да слави по второто продолжение со 117-114, нанесувајќи им го првиот пораз на кумановци пред своите навивачи. Официјалната интернет-страница на БИБЛ лигата, веќе го нарече „најдобриот натпревар во историјата“.

Пред полните трибини во Куманово, домашниот состав многу подобро го почна натпреварот и по само две минути игра, веќе водеше со 8-0. Костоски и Инграм играа одлично однадвор, Луковиќ доминираше во рекетите и иако многу рано во мечот, изгледаше дека Куманово ги контролира настаните. Сепак, Рилски Спортист на стартот на втората четвртина со серија поени предводена од Калоиаро и Дупре, успеа да изедначи, давајќи знак дека нема намера да се откаже од натпреварот. Слично вакво сценарио уште неколку пати се повторуваше во продолжението од натпреварот, Куманово во поголемиот дел се наоѓаше во водство, во неколку наврати и двоцифрено, но Рилски постојано наоѓаше начин да се врати во игра. На 25 секунди до крајот на четвртата четвртина, Ивица Димчевски прифати важен офанзивен скок при два разлика за Куманово, но веднаш потоа пропушти да реализира чиста прилика, а Рилски преку Тери Смит врати на спротивната страна и мечот замина во продолженија.

Во првите додатни пет минути, Костоски продолжи да го полни кошот на Рилски, но Мирковиќ погоди важни две тројки и Рилски уште еднаш се врати во игра. Куманово го имаше последниот напад за победа, сепак Костоски ја загуби топката, но за среќа на домашниот состав, ниту Захариев не успеа да реализира во контра нападот, па тимовите заминаа и во второ продолжение. Таму неколку промени на водството, но одличната реализација на слободните фрлања на гостите ги одлепи на три поени разлика, со кои и го завршија мечот за победа од 117-114.

Александар Костоски одигра брилијантен натпревар за Куманово, завршувајќи го со 43 поени, 11 асистенции и 7 скокови. Урош Луковиќ и Ивица Димчевски исто така остварија дабл-дабл учиноци. Луковиќ постигна 23 поени со 13 скокови, додека Димчевски беше стрелец на 11 поени со 11 скокови. Меѓу повпечатливите во Куманово беа и Инграм и Микиќ. Кај Рилски, Ангело Калоиаро со 23 и Тери Смит со 22 поени беа најефикасни, додека клучна улога во завршницата на четвртата четвртина и продолженијата одигра Бранко Мирковиќ.

Инаку, натпреварот изобилуваше со атрактивни потези на двете страни, изедначена и борбена кошарка и бројни решавачки моменти на двете страни. Преполната кумановска арена, со аплауз ги испрати двете екипи, а средбата со право веднаш по завршувањето беше окарактеризирана како „најдобрата во историјата на БИБЛ“. Куманово го доживеа првиот пораз на домашен терен сезонава, но и натаму има изгледни шанси за пласман на Фајнл Фор турнирот. Кумановци ги очекуваат две средби, против Теодо на домашен терен и кавала на гости и триумф на било кој од тие два натпревари, би го официјализирал местото на македонскиот состав на Завршниот турнир во сезоната. Прв е мечот против Теодо, а закажан е за 26 март.

извор: МКФ