Членките на Собранието на МКФ го избраа досегашниот претседател, да ја предводи Федерацијата и во наредните четири години.
Седницата на Собранието на МКФ, која се одржа во хотел „Александар Палас“ во Скопје, му даде доверба на М–р Даниел Димевски уште во еден мандат да ја предводи македонската кошарка. Без ниту еден глас против и со 28 кандидатури од 34 членки на МКФ со право на избор, поддржана е програмата за работа на УО на Федерацијата во наредниот четиригодишен период.
„Им благодарам за довербата на сите чинители во кошарката, ова е уште една дополнителна обврска да не застанеме со развојот на нашиот спорт, напротив, со уште поголема енергија и ентузијазам уште повеќе да го подигнеме нивото на кошарката”, изјави Димевски веднаш по инаугурацијата во трет последователен мандат како предводник на куќата на кошарката.
Во презентацијата на програмата, Димевски се осврна на неколку битни моменти кои ќе бидат примарна цел во следниот период.
„Одржување и перманентно подобрување на нивото на услови за подготовки и настапи на државните селекции во сите категории, тоа е најтешкиот дел од нашата работа, но талентот и масовноста на огромна армија млади луѓе кои се занимаваат со кошарка, како и постојаното подобрување на нивото на стручната работа во клубовите, не прави оптимисти дека за 4–то место во Литванија нема да зборуваме како за исклучок и недостижна цел”, рече Димевски и продолжи: „За тоа, како и досега, главни носители ќе останат клубовите, кои се поамбициозно и похрабро се вклучуваат во меѓународните натпреварувања, но и растат во организациска смисла.
Огромна помош за тоа доаѓа и од владините проекти за изградба на спортски сали и игралишта кои претставуваат вистински дом за сите кошаркари. Еден вид остварување на голем сон е и стартот на спортската академија, во соработка со Агенцијата за млади и спорт и Министерството за образование, проект кој овозможува дополнителна работа и драстично зголемување на квалитетот на најталентираните и под посебни системи на селектирања, избрани млади кошаркари и кошаркарки.
Први го имплементиравме и законот за трансформација на елитните клубови во Акционерски друштва, што ќе овозможи во иднина клубовите да имаат посериозна и поквалитетна поддршка особено од локалната самоуправа, а секако во блиска иднина ќе овозможи подобрен статус на основните чинители, кошаркарите и тренерите. Овој закон носи промени, а ние и натаму ќе се бориме и ќе предлагаме квалитетни адаптации, како и модифицирање на низа други закони кои ќе го подобрат статусот на клубовите и спортот воопшто во нашето општество.
Генерално гледано, државата се поквалитетно ги поддржува проектите од интерес на развојот на кошарката, а таа тенденција очекуваме да продолжи и понатаму и уште повеќе да расте. Исто така, морам да го напоменам и Македонскиот Олимписки Комитет, кој исто така претставува сериозна поддршка за нашите проекти и со кој имаме одлична соработка. Се разбира, во поддршката на нашите проекти и натаму огромен придонес имаат и нашите спонзори, кои и натаму ја препознаваат кошарката како одличен простор за маркетинг и сопствена промоција пред огромна армија љубители на овој спорт. Им благодарам на сите нив, не само на спонзорите и помагателите на Федерацијата, туку на секој еден субјект кој помага и во клубовите и им овозможува подобри услови за работа.
Ние, како федерација, ќе продолжиме да се бориме и да го подигнуваме нивото на женската кошарка, со конкретни проекти и со максимална поддршка за зголемување на нејзината масовност. Веќе имаме засилени активности што заедно со клубовите од машката елитна лига ќе се обидеме да ги имплементираме што е можно поскоро, за да дојдеме до максимална можна професионализација, особено на поле на имиџот и техничко–организациските услови, кои се далеку под нивото на квалитетот на натпреварувањето. За тоа, огромна помош ќе имаме и од проектот кој е во фаза на забрзан развој, наша, сопствена ТВ продукција, која ќе биде вистински сервис за клубовите и кошарката воопшто.
И како една од главните цели во престојниов период, секако, ќе посветиме максимални напори, по повеќе од 60 години постоење, да изградиме и обезбедиме простории во сопственост на федерацијата, Куќа на кошарката, која ќе биде вистински дом за сите сегашни и идни генерации.” – заврши Димевски, скицирајќи дел од обемните програмски активности предвидени во наредниов четиригодишен период.
Собранието и МКФ станаа побогати за нови членки, Асоцијацијата на ветерани, Асоцијацијата на статистичари, како и Асоцијацијата на училишна кошарка, кои со акламација беа примени во членството на Федерацијата.
Поддршка од членките на Собранието доби и новиот состав на Управниот Одбор, кој во иднина, согласно Статутот, ќе има двајца потпретседатели, од кои едниот ќе биде Димитар Костадинов, генерален менаџер на компанијата Кодинг – Горска, а вториот ќе биде претставен на наредните седници на УО.
извор: МКФ