Македонија има квалитетно, здравствено безбедно и исправно млеко, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски по денешната посета на млекарниците Идеал Шипка, Битолска ИМБ и ЦЕРМАТ во Битола.
Како што рече на средба со новинарите, Димовски сакал лично да се увери во квалитетот на млекото и процесот на производство, но и да слушне за плановите на компаниите чија основна дејност е откуп и преработка на млеко. Тој во Битола беше придружуван од директорот на Агенцијата за храна и ветерина Дејан Рунтевски.
„Со компаниите го споделивиме заедничкиот став дека ако сакаме млеко со повисок квалитет, тогаш субвенционирањето треба скалесто да се одвива. Моментно, за литар млеко поддршката е 3,5 денари, но во наредниот период ќе ја зголемиме, па цената за литар прва класа ќе биде 6,5 денари, а за втора 3,5 денари“, истакна Димовски.
За да добијат поголема цена на продаденото млеко, фармерите, нагласи тој, ќе мора да применуваат добра хигиенска пракса.
Според Министерот, во државата треба што поскоро да се формира посебен репро-центар преку кој ќе се создаваат услови за зголемување на бројот квалитетни грла за што очекува соработка со сите млекарници.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Рунтевски истакна дека контролите за испитување на квалитетот на млекото се зајакнати. Секоја пратка пред да се пушти во промет се проверува и затоа секој потрошувач треба да биде сигурен во квалитетот на производите.
„Посетата на пелагонискиот регион за нас е уште една гаранција за безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи што се пласираат на македонскиот пазар. Информирани сме за дополнителните мерки за безбедност што самите компании ги воведуваат во процесот на производство, што значи потрошувачите може да бидат целосно безбедни од производите што нашите млекарници ги пласираат на домашниот пазар“, рече Рунтевски.