Европол: Во Европа има 3600 криминални групи

Во Европа постојат 3600 активни организирани криминални групи, стои во годинешниот извештај на европската полициска агенција Европол.

Во извештајот се наведува дека новиот вид на криминал се развива како резултат од економската криза. Криминалните групи во Европа најчесто прават фалсификати, но тоа не се повеќе евтини копии од луксузна стока, туку и секојдневни продукти потребни за живот, најчесто прехрамбени продукти и лекови.

Класичните форми на криминал се сеуште актуелни, како што се шверцот и трговијата со дрога, но се повеќе се среќава и сајбер криминал, на пример крадење на идентитетот.

Според директорот на Европол Роб Вајнрајт, тие нови форми на организиран криминал стекнуваат големи профити со минимален ризик.