Денес во просториите на Агенцијата за млади и спорт, се одржа прием по повод успехот на нашиот македонски скијач Дарко Дамјановски кој на трката во нордиско скијање во Тоблак, Италија, постигна резултат, со кој дојде до А-олимписка норма. Со оваа норма Дамјановски може да избира во која трка од оние на програмата би учествувал во Сочи.
Директорот на АМС м-р Лазар Поповски по тој повод упати срдечни честитки за постигнатиот успех на нашиот скијач. Во своето обраќање директорот Поповски обрна внимание на тежината на овој резултат, меѓудругото и од своето лично искуство како спортист кој успеал да ја освои истата таа норма. Воедно тој истакна дека Агенцијата за млади и спорт и понатаму ќе ја дадат својата поддршка за овој спорт и изрази надеж за понатамошни негови успеси и добри пласмани пред се на претстојните зимски олимписки игри кои ќе се одржат во Сочи идната година.
Свое обраќање имаа и претседателот на Скијачката федерација на Македонија г-динот Владимир Пановски како и селекторот на нордиската репрезентација на Македонија Ѓоко Диневски кои пред се ја изразија својата благодарност на Агенцијата за млади и спорт за досегашната поддршрка како и за значењето на постигнатиот резултат на Дамјановски.