Ристовски: Грижата за старите лица еден од нашите приоритети

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски денеска оствари работна посета на општина Битола каде се сретна со градоначалникот Владимир Талески кој го информираше за активностите во сферата на социјалните политики и проектите што ги реализира локалната самоуправа, а се поддржани од Владата на Република Македонија.

Ристовски и Талески го посетија местото каде што до пред извесно време постоеше Дом за сместување на стари и изнемоштени лица „Сју Рајдер“ изграден во 1967 година, а врз чија површина сега интензивно се гради целосно нов објект.

„Во разговорите што ги имавме со ЕУ во делот за користење на ИПА фондовите од исклучително значење беше поддршката што ја добивме за инвестициите насочени за подобрување на животот и статусот на старите и изнемоштените лица. Во таа смисла овој објект во Битола која сега има и зголемен сместувачки и просторен капацитет, очекувам да предизвика интерес за сместување и за лица од други градови. Грижата за старите лица за нас е еден од врвните приоритети бидејќи со поддршката на тие лица ние им овозможуваме на нивните семејства да се намали севкупниот социјален и економски товар кој што го имаат во моментите додека лицата се дома и на домашна нега“, посочи министерот Ристовски.

Согласно планот, во новиот Дом за стари и изнемоштени лица „Сју Рајдер“ две-третини ќе бидат наменети за неподвижни лица, а една третина за подвижни лица, на кои на располагање ќе им биде високостручен и обучен кадар.

„За изградба на новиот Дом за стари и изнемоштени лица  „Сју Рајдер“, општината вложи 170.000 евра, а вредноста на цел објект е околу 830.000 евра, средства обезбедени од европските фондови и Владата на Република Македонија. Во новиот современ и модерен објект сега ќе може да се сместат околу 150 корисници на кои на располагање ќе им бидат најсовремени услови за живеење, разонода и стручна нега“, истакна градоначалникот Талески.

Од Министерството за труд и социјална политика сметаат дека бројот на старски домови во Република Македонија е недоволен во однос на потребите и барањата на граѓаните и затоа Владата на Република Македонија ќе изгради четири нови старски домови.