Македонските и бугарските бизнисмени ќе ја зајакнуваат економската соработка преку реализирање заеднички проекти и формирање партнерски мали и средни претпријатија. Административните пречки се веќе минато, но отсуството на инфраструктурна поврзаност и натаму останува проблем кој мора да се надмине.
Ова е заклучокот од денешното собрание на Македонско-бугарската стопанска комора што се одржа под мотото „Бизнис без граници“.
„Владата континуирано имплементира проекти за подобрување на бизнис-климата. Во текот на економската криза донесе четири пакет-мерки за помош на домашните компании, а за привлекување странски инвестиции продолжува да основа технолошко-развојни индустриски зони (ТИРЗ) со низа даночни поволности“, порача министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески пред стопанствениците.
Тој ги повика бугарските бизнисмени да инвестираат во Македонија поради, како што рече, одличните услови што се нудат.
„Утврдена е стратегијата за формирање три технолошко-индустриски развојни зони во источна Македонија, Берово/Пехчево, Делчево и Струмичко чие отворање е планирано наскоро. Од 1 јуни годинава во Македонија ќе профункционира и електронскиот систем за издавање одобренија за градење“, информира Јанакиески.
Како што напомена Министерот, интензивно се работи и на изградбата на пругата кон Бугарија. За првата делница Куманово – Бељаковце се обезбедени 44 милиони евра.
„Врвен приоритет за Македонија и Бугарија на политички и економски план е заедничката сегашност и иднина во европското семејство како придобивка за целиот регион. Тоа воедно ќе значи и сигурност за бизнисите“, нагласи Јанакиески.
Според бугарскиот амбасадор во земјава Иван Петков, трговската размена меѓу Македонија и Бугарија е солидна, но има уште многу простор за нејзино унапредување. Двете земји мора да се насочат и кон збогатување на трговските стоки и услуги.
„Во 2012 размената беше нешто повеќе од 550 милиони лева, што е помалку од 2011 кога достигна една милијарда. Причината за ваквиот биланс беше веројатно економската криза“, рече Петков.
Неговиот македонски колега Благој Ханџиски посочи дека и во услови на криза, постигнат е раст во туристичката размена. Во првите три месеци годинава е регистриран и зголемен интерес на бугарските бизнисмени за инвестирање во Македонија.