Куманово слави Фајнл Фор во БИБЛ

Сигурна победа остварија избраниците на Љубислав Луковиќ на последниот натпревар на домашен терен во Топ Шест фазата, која носи огромен успех во дебитантската сезона во балканското друштво. Куманово на коло до крајот, го осигура своето место меѓу четирите најдобри и заслужено го слави пласманот на Фајнл Фор турнирот.

Брзо опоравувајќи се од тесните порази против Рилски, односно Фени Индустри, кошаркарите на Куманово уште од самиот почеток на натпреварот против Теодо покажаа квалитетна игра и самоувереност дека ќе стигнат до важната победа. По само четири минути игра, македонскиот претставник, предводен од расположениот Александар Костоски, веќе имаше двоцифрена предност и иако Теодо преку Џонсон и Ѓорѓевиќ успеа на моменти да се приближи, кумановци повторно се одлепија и на полувреме заслужено водеа со двоцифрени 47-36. Луковиќ и Јаневски играа одлично во рекетите, Александар Костоски ја контролираше играта однадвор, а расположен за реализација, пред се од далечина, беше и Ентони Ли Инграм, погодувајќи три тројки само во првото полувреме.

Најдобрите играчи на Теодо, Суботиќ, Мијовиќ и Радуловиќ ретко добиваа свои шанси, Џонсон рано влезе во проблеми со лични грешки поради проблемите во одбрана со Луковиќ, па Ѓорѓевиќ беше најголема закана за кошот на Куманово, кој играше одличен меч. Продолжи Куманово со доминацијата на двата краја од теренот и во второто полувреме, се разигра и Ивица Димчевски со неколку реализирани поени во серија и Куманово во четвртата четвртина имаше највисоки 24 поени предност. Иако Теодо до крај успеа да направи две кратки серии и користејќи го тоа што Куманово повеќе од четири минути немаше реализација, успеа да се приближи до само седум поени негатива, победата во ниту еден момент не беше доведена во прашање, па домашниот состав заслужено славеше триумф од 96-90, кој значи пласман на Фајнл Фор турнирот.

Ентони Инграм и Урош Луковиќ го завршија натпреварот како најефикасни кошаркари со дабл-дабл учиноци, комбинирајќи 42 поени и 24 скокови, од кои дури 14 офанзивни. Александар Костоски одигра нов одличен меч со 18 поени, 6 асистенции и 3 украдени топки, а меѓу поистакнатите беше и Марјан Јанески со 14 поени и 7 скокови. Со двоцифрен број поени мечот го заврши и Ивица Димчевски. На спротивната страна, најистакнати беа Ѓорѓевиќ, Џонсон и Радуловиќ.

„Имавме една тешка недела каде после поразот од Фени сакавме брзо да се вратиме и на некој начин да се наградиме самите себе за досегашните игри со победа против Теодо и пласман на Фајнл Фор. Не е никогаш лесно да се игра против екипи кои немаат притисок за резултат, а ние од друга страна толку многу ја посакуваме победата. Тоа се виде и во последните моменти кога Теодо успеа да се приближи, иако ние водевме и со преку 20 поени, но на крај се е добро кога добро ќе се заврши. Амбициите пред почетокот на сезоната можеби и не беа да се стигне толку далеку, но ние видовме дека можеме, дадовме се од себе и пресреќни сме што стигнавме до тука. Задоволството е големо, сепак, распоредот не ни дава премногу време за славје. Мораме веднаш, од утре да почнеме да се подготвуваме за петок, кога не чека нов многу тежок и многу важен натпревар од Купот. Мотивирани сме максимално и силно веруваме во нашите можности“, вели Александар Костоски по натпреварот.

Оваа победа беше петта за Куманово во Топ Шест фазата и со неа мирно ќе го дочека последното коло кога гостува на Кавала во Грција. Без разлика на резултатот од таа средба, Куманово е официјално дел од Фајнл Фор турнирот во БИБЛ, со што стана третата македонска екипа на која и успеало тоа, по Фени Индустри и Работнички.