Во рамки на дводневната посета на Обединетите Арапски Емирати денеска министерот за образование и наука Панче Кралев потпиша меморандум за соработка со министерот за култура, млади и развој на општетството на ОАЕ, шеикот Нахјан Мубарак Ал Нахјан.
Меморандумот е потпишан меѓу високите школи за технологија и македонското Министерство за образование и наука во насока на продолжување на соработката, унапредување на образованието на Македонија во рамки на технолошките факултети, како и размена на искуства на студенти.
Двајцата министри се договориле да ја промовираат интер-универзитетска соработка во научно-технолошките области, вклучувајќи и области од образованието и научните истражувања.
– Во насока на соработката е да се истражуваат програми за студентска размена меѓу Универзитетот за информатички науки и технологија и ХЦТ, во сите акредитирани програми и нивоа особено фокусирани на истражување; Воспоставување на програми за размена за споделување на најдобрите практики и промовирање на научни истражувања во секоја од земјите; Дизајн, развој, семинари, конференции и други научни и културни симпозиуми од интерес за двете земји; Истражување на потенцијалните области за соработка со ХЦТ центар на извонредност за применети истражувања и обука (ЦЕРТ), вклучувајќи истражување, иновациите и претприемништвото и Создавање на технолошки парк во Македонија.
Со денешното потпишување на меморандумот завршува дводневната посета на министерот Кралев на Обединетите Арапски Емирати.