Македонците во Украина без визи

Македонските државјани од 16 март 2013 година можат слободно, без визи да влегуваат односно да транзитираат преку територијата на Украина, ако должината на нивниот престој не надминува повеќе од 90 дена, соопшти Министерството за надворешни работи.

По повод донесувањето на оваа одлука, министерот за надворешни работи на Украина Леонид Кожара денеска одржа прес-конференција на која учествуваше и амбасадорот на Република Македонија во Украина Александар Спасеновски.

Претседателот на Украина Виктор Јанукович, со Указ ја донесе одлуката која има важност до 15 март 2015 година. Одлуката е донесена од украинска страна како резултат на Одлуката на Владата на Република Македонија која почнувајќи од 16 март 2013 година еднострано за периодот до 15 март 2018 година ги укина визите за краткорочен престој во Република Македонија за државјаните на Украина, а кои се опфатени во членот 8 од Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Кабинетот на Министрите на Украина за условите за взаемни патувања на граѓаните.

Според МНР, одлуките на Република Македонија и Украина се донесени во духот на натамошното унапредување на пријателските односи меѓу двете држави, особено во областа на развивањето на туризмот и зајакнувањето на меѓусебната економска соработка.