Граѓанската асоцијација МОСТ ќе го набљудува гласањето на 7ми април со околу 2080 набљудувачи, број со кој ќе се покријат од 50 до 60 проценти од гласачките места во рамките на секоја од оние општини во кои ќе се гласа во недела.
Набљудувачите на МОСТ ќе бидат статични, и во текот на целиот ден ќе го следат процесот на гласање на гласачките места. Покрај тоа, МОСТ ќе има и мобилни тимови, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и ќе ги набљудуваат повремено оние места на кои МОСТ нема статични набљудувачи.
Покрај гласањто во недела, МОСТ го набљудува и денешното предвремено гласање на болни и немоќни лица, внатрешно раселени лица, лица во затвор и лица во куќен притвор.
Жолтите маици, на кои на предната страна стои логото на МОСТ и е испишано “Мониторинг 2013“, овластувањата од МОСТ и акредитациите од ДИК, истакнати на видно место, ќе бидат препознатливиот белег на граѓаните, кои како домашни набљудувачи се дел од тимот за набљудување на Граѓанската асоцијација МОСТ. Обележјата на набљудувачите оваа година се разликуваат од тие од претходните години. Имајќи ја во предвид појавата на набљудувачи кои во првиот круг се претставуваа како набљудувачи на МОСТ единствено со акредитација на ДИК, МОСТ потенцира дека набљудувач на организацијата е единствено оној граѓанин кој носи жолта маица, акредитација од ДИК и овластување од МОСТ исклучиво од овие избори.
Во текот на денот, за граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес, ќе биде отворена бесплатната телефонска линија 080 080 080. Доколку граѓаните не се сигурни каде можат да го остварат своето право на глас, со внесување на своите податоци можат да проверат на интернет страната izbirackispisok.gov.mk.
Сите потврдени информации од набљудувањето на денот на изборите, МОСТ ќе и ги соопшти на јавноста на четри конференции за јавност, кои ќе се одржат во 9:15, 13:15, 17:15 и 21:15 часот.
Граѓанската асоцијација МОСТ уште еднаш упатува апел за одржување на фер, слободен и мирен изборен процес.