Конституиран новиот Совет на Општина Охрид

Конститутивната седница на Советот на Општина Охрид денес ја отвори досегашниот претседател Душко Јаковчески. Претседавањето, Јаковчески му го препушти на најискусниот член на Советот, Љубомир Чаулев.

На денешната седница беа верифицирани мандатите на сите 23 советници во Локалната самоуправа на Охрид, по што тие дадоа и потпишаа и свечена изјава дека ќе ги застапуваат интересите на граѓаните, со што и официјално им започнаа мандатите.

Во  новиот состав на Советот на Општина Охрид влегуваат 12 советници од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ: Јованка Точко, Дејан Пановски, Сашо Донев, Климе Шешоски, Илија Арнаудоски, Гордана Коњановска, Љубомир Чаулев, Јадранка Василеска-Здравеска, Иљат Ибраим, Ангел Јанев, Славица Петровска, Коста Трифуноски; Осум советници се од листата на Сојузот за иднината: Јован Стојаноски, Александар Калачоски, Оливија Пирузева- Јанева, Дејан Блажески, Томислав Тунтев, Жаклина Лазаревска, Јоне Станковски, Верица Хајба и тројца членови носители на независни листи: Павел Попоски, Кујтим Усеини и Љупчо Настоски.

Советниците ги поздрави градоначалникот на Општина Охрид д-р Никола Бакрачески.

„Советот е место на размена и бранење на политички платформи и идеи, место на колектирање на гласот на граѓанинот и место каде што сопствената и политичката култура ќе биде препознаена како лична, но и како одраз на граѓаните кои не избрале. Затоа не смееме во одбраната на сопствениот или партискиот став и мислење, да излеземе од рамката која ни ја зацртаа граѓаните на општина Охрид, а таа е да ги застапуваме нивните интереси и да обезбедиме прогрес на општината. Затоа очекувам, сите предлози, програми и стратегии кои ќе бидат разгледувани и носени од овој Совет, секогаш да ја имаат, пред политичките и личните мотиви, основната цел за кои сите ние сме овде, а тоа е да ја оправдаме довербата на граѓаните од кои го црпиме мандатот и најдобро да ги искористиме идните четири години за да направиме добри дела за општината и нашите граѓани“. – истакна Бакрачески.

Седницата беше прекината, а за продолжението остана една точка од Дневниот ред – Избор на Претседател на Советот на Општина Охрид.

WebOhrid