Прелетал 12 километри над океан со помош на 160 балони со хелиум

Јужноафриканецот Мет Силвер-Валенс успеа да прелета околу 12 километри над Атлантскиот Океан, со помош на 160 балони, наполнети со хелиум. Летот од островот Робен до Кејп Таун траеше еден час, на просечна висина од 200 метри.

При спуштањето, кое е направено од безбедносни причини, му помогнаа спасувачи кои цело време го придружуваа со брод.

Силвер-Валенс се одлучил за оваа авантура со надеж дека ќе собере милион долари, колку што е потребно за изградбата на педијатриска болница во Јоханесбург, но и во чест на Нелсон Мандела, кој на островот Робен помина 18 години во затвор.