Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска и утре (9 и 10 април 2013 година) во Брдо кај Крањ, Република Словенија, ќе учествува и ќе има свои обраќања на два исклучително значајни министерски состаноци.
Канческа-Милевска денеска ќе се обрати на состанокот на Советот на министри за култура на Југоисточна Европа (КОМОКОСЕЕ) на кој Република Македонија и официјално ќе го преземе од Република Словенија претседавањето со ова значајно тело во период од една година.
Советот на министри за култура на Југоисточна Европа, популарно рефериран како КОМОКОСЕЕ, е тело кое активно се залага за промоција на принципот на разбирање и добрососедски односи меѓу земјите од ЈИЕ, како и вмрежување на институциите и субјектите од нашите држави во регионални проекти од различни области. Во рамките на активната соработка со оваа значајна платформа, Република Македонија активно партиципира во повеќе проекти меѓу кои се „Љубљански процес II: рехабилитација на нашето заедничко наследство“, „Пилот-проектите за локален развој“ и други проекти кои се во функција на заштита и унапредување на културното наследство во регионот.
На денешниот состанок во Брдо, министрите за култура, како и претставниците на УНЕСКО, Советот на Европа и на Европска Унија, меѓу другото, ќе ја усвојат и министерската Декларација со која ќе се обврзат на поинтензивна меѓусебна соработка.
Министерката за култура утре (10.4.), пак, ќе учестува и на состанокот на министри за култура на Форумот на словенски култури, тело кое ги промовира и афирмира особеностите на словенските култури. Во рамките на состанокот, Канческа-Милевска ќе се обрати на темата „Словенски интерфејс – информатички технологии и мобилност на културната политика во словенскиот свет”.
По завршувањето на пленарната сесија на Форумот на словенски култури, министрите за култура на државите во кои словенските јазици се официјални – Белорусија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Македонија, Црна Гора, Полска, Русија, Србија, Словачка, Словенија и Украина, ќе го усвојат и ќе го потпишат Меморандумот за соработка во областа на културата и за стимулација на соработката со европските и со другите меѓународни организации.
Република Македонија, меѓу другото, во рамките на Форумот на словенски култура партиципира во долгорочниот проект „100 словенски романи“, кој овозможува преводи на јазиците на словенските земји на најреномирани автори и писатели. Исто така, ќе биде реализирана и заедничка изложба на државните архиви на словенските држави насловена „Главните градови на славјанските земји преку архивски материјал“, која по повод одбележувањето на 1150 години од Моравската мисија на светите Кирил и Методиј ќе биде претставена во седиштето на УНЕСКО.
Во рамките на културната програма, пред почетокот на состанокот на Советот на министри за култура на Југоисточна Европа, министерката за култура Канческа-Милевска синоќа во Националниот музеј присуствуваше и на отворањето на изложбата „Замислувајќи го Балканот – идентитети, дијалог во долгиот 19-ти век“, на која се претставени експонати и документи за личности значајни за историските процеси во 19-тиот век.
На изложбата, која ја отворија генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова, и министерот за култура на Словенија, Урош Грилц, претставени се важни експонати и од Репубилика Македонија, меѓу кои се раритетна икона од Дичо Зограф, Тријазичникот од Ѓорѓија Пулевски, три филма од богатиот опус на првите сниматели на Балканот, браќата Манаки, бајракот на Галичката свадба и многу други предмети кои беа селектирани од страна на Музејот на Македонија и Kинотеката на Македонија.
Оваа изложба, која е резултат на активната соработка на државите од југоисточна Европа со Регионалното биро на УНЕСКО во Венеција, по прикажувањето во Љубљана, ќе биде претставена и во другите земји од Балканот, а во 2014 година домаќин на ова ликовно претставување ќе биде и Република Македонија.