Џонсон Контролс и Џонсон Мети пo 20 години ја сменија структурата на извозот на македонската економија и наместо како порано да извезуваме полупроизводи од челичната и текстилната индустрија придонесоа да извезуваме готови производи со додадена вредност.
Ова го констатира министерот за економија Ваљон Сарачини по денешната работна средба со менаџментот на двете компании кои оперираат во ТИРЗ Скопје 1, Бунарџик.
„Целта на посетата е да се запознаам со проблемите кои ги имаат компаниите и на кој начин можам да помогнам во решавањето на сите институционални проблеми кои се процедурални и можат да се решат. Ова е добра пракса на Владата на Република Македонија бидејќи повеќе министри ги посетуваат компаниите за да можат директно со менаџментот да разговараат и на тој начин полесно и побрзо да се решат нивните проблеми“, изјави министерот Сарачини по средбата со директорите на двете компании.
Тој посочи дека очекува промената на структурата на извозот да придонесе за зголемување на извозот и намалување на увозот со што во иднина ќе се намали трговскиот дефицит, хроничната болест на нашата економија.
„Во услови на криза во последниве две години Џонсон Контролс и Џонсон Мети успеаа да го задржат темпото на извоз и да најдат и нов пазар, Велика Британија. На средбата ми беше укажано дека годинава и следната година планираат за 50 проценти да го зголемат извозот“, рече Сарачини, нагласувајќи дека на тој начин дури 50 осто од вкупниот извоз на земјава ќе се реализира од компаниите кои оперираат во ТИРЗ.
Апелираше до младите да ги следат конкурсите на компаниите кои оперираат во ТИРЗ и да аплицираат за работа, а Владата, како што рече, ќе им пружи техничка помош и можности за професионален развој. Појасни дека во Џонсон Контролс просечната возраст на вработените е 33 години и оти на нивниот последен оглас за вработување аплицирале многу млади луѓе.
„Пред две недели беше најавен влезот на три нови компании од Турција кои ќе почнат да градат фабрики во Бунарџик, а минатата недела беше објавено дека турска компанија ќе гради фабрика во ТИРЗ Тетово. Има уште две комопании кои се при крај на донесувањето одлука за инвестирање во ТИРЗ, така што зоните веќе почнуваат да даваат резултати“, рече Сарачини и додаде дека на средбата не станало збор за евентуално повлекување на Џонсон Контролс од Бунарџик.
Џонсон Контролс и Џонсон Мети лани учествувале со над 20 проценти во вкупниот извоз од Македонија. За нивните производи, кои главно се пласираат на европскиот пазар, наплатиле околу 800 милиони долари. Податоците покажуваат дека само 5 проценти од активните фирми од Македонија извезуваат, а во вкупниот извоз на земјава компаниите кои се во домашна сопственост учествуваат со 35 отсто.