Пролетниот извештај на Европската комисија го валоризира постигнатиот напредок, ги покажува правците за иден ангажман и дава надеж дека и во следните месеци ќе имаме позитивни приближувања во процесот на евроинтеграција на земјата, изјави денеска премиерот Никола Груевски.
„Ние сме задоволни од извештајот. Тој ги рефлектира нашите напори, нашиот учинок што беше направен, дава правци како натаму да се движиме во одредени работи, така што на некој начин го валоризираме нашиот труд во изминатиот период и дава надеж дека во наредните месеци ќе имаме и други позитивни приближувања во правец на нашето европско интегрирање“, појасни Груевски.
Запрашан дали во јуни очекува датум за почеток на преговорите, премиерот посочи дека Владата ќе продолжи со напорите во однос на реформите, но оти треба да се почека извештајот.
„Се разбира, нашата цел е да се започнат преговори, но треба да се исчека за да се види што ќе се случи, бидејќи на крајот на краиштата тоа не зависи само од нас. Да зависеше само од нас веројатно некаде во 2009 година ќе ги започневме преговорите“, појасни Груевски.
Според него, во однос на спорот за името високиот претставник за надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон вчера на средбата во Скопје само ја посочува потребата од што поскоро решавање на спорот за името.
„Ештон изрази на некој начин потреба од побрзо решавање на овој проблем за што и ние се согласуваме. Меѓутоа, за да се реши треба да се најде одредено заедничко решение кое ќе биде прифатливо и за Македонија и за граѓаните на Македонија“, – рече Груевски.