Поради сторен прекршок со предизвикување загрозување и попречување на сообраќајот на јавниот пат, Секторот за внатрешни работи Охрид поднесе прекршочна пријава против Д.Ј.(25) од охридското село Косел и Ј.М.(35) од Лешани општина Дебрца.
Пријавените, на 15-ти овој месец на средината од коловозот на улиците „Ванчо Николески“ во близина на студентскиот дом и „Коста Абраш“ кај капетанијата во Охрид, поставиле метални рампи. Тоа го направиле во периодот од 17 часот и 20 минути до 17 часот и 50 минути, со физичко монтирање на металните рампи на паркинг апаратите сопственост на правното лице ДООЕЛ „РТ-Сузуки-МТ“ од Охрид. Со тоа, неовластено ја зафатиле сообраќајната површина на јавниот пат и предизвикале загрозување односно попречување на безбеден и непречен сообраќај на оваа јавна сообраќајна површина.
Двајцата пријавени не го почитувале и го игнорирале укажувањето на сообраќајниот полициски службеник за неовластени преземања на јавна сообраќајна површина и јасно упатеното барање за престанок на таквите неовластени активности.
За овие два сторени прекршоци, на двајцата пријавени изготвени им се платни налози за наплата на глоба во износ од 300 евра во денарска против вредност.
СВР Охрид поднесе прекршочна пријава и против правното лице ДООЕЛ „РТ-Сузуки-МТ од Охрид и одговорното лице во овој правен субјект. Оваа пријавата е поднесена за постапување спротивно на одредбите од законот за безбедност на сообраќајот на патиштата за што изречена е глоба во износ од 520 односно 550 евра во денарска против вредност.