Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе се точат по значително пониска цена, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика.
Просечната цена на сурова нафта на светскиот пазар во изминатиот 14-то дневен период изнесуваше 100,668 $/барел и е за 5,89% пониска од просечната цена на сурова нафта (106,971 $/барел) по која беа формирани тековните цени на нафтените деривати.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот 14-то дневен период изнесуваше 47,1694 ден/$ и е за 1,79% понизок од курсот на доларот (48,0267ден/$) по кој беа формирани цените.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со изминатиот четиринаесетодневен период бележат намалување кај бензинот во просек за околу 7,23% или за 71,70$/тон, кај дизелот намалување во просек за околу 5,62% или 50,20 $/тон и кај мазутот намалување во просек за околу 3,97% или за околу 23,75 $/тон, поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно прилагодување.Имајќи ги предвид влијанијата на овие елементи во формирањето на цените на нафтените деривати според Методологијата, рафинериските цени на нафтените деривати се намалуваат во просек за 7,09% .
Малопродажните цени на нафтените деривати согласно Методологијата за формирање на цените, се намалуваат во просек за 5,33%.
Бензините ЕУРОСУПЕР-95 и ЕУРОСУПЕР-98 ќе се продаваат по цена пониска за 4,50 денари по литар, односно по 79.50 денари за литар. Цената на ЕУРОДИЗЕЛ се намалува за 3,50 денари, па така ова гориво ќе се продава по 67 денари за литар, а на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) изнесува 55,50 ден/лит. Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува за 2,228ден/кг, во однос на цената утврдена согласно Одлуката од 08.04.2013 година. Така цената на М-1 НС изнесува 40,243 ден/кг.