Обуки за млади за унапредување на квалитетот на работната сила

Квалитетот на работната сила кај младите ќе се подобрува со обуки за унапредување на нивните практични знаења што ќе ги спроведува од крајот на наредниот месец Министерството за економија во соработка со професори од универзитетите и менаџери од успешни компании.

На конкурс што за таа цел ќе го објави утре Министерството за економија и ќе трае до 10 мај, ќе може да се пријават лица на возраст од 18 до 28 години. Првата од предвидените обуки ќе почне на 27 мај, информира министерот за економија Ваљон Сарачини денеска на прес-конференција.

Обуките се дел од новиот проект на Министерството „Обука за вработување кај младите-стратегии за вработување на младите“, со кој, според Сарачини, треба да се подобри квалитетот на работната сила, за што имаше забелешки и во извештаите на Европската комисија и на Светската банка.

Анализите  и искуствата на фирмите покажале оти целната група што го опфаќа конкурсот има добри теоретски знаења, но недоволно практични. Со планираните обуки ќе се работи на унапредување на капацитетите за комуникација на младите, односно да се стекнат со вештини за вербална, невербална и писмена комуникација, за што имало забелешки од реалниот сектор. Младите треба да се оспособат и да можат полесно да се вклучат во новата работна средина, односно  да го научат амбиентот во местото каде би се вработиле.

„Во денешно време имаме многу  странски компании, дел од нив функционираат различно и затоа вклучуваме експерти и професори кои ќе им пренесат како да се вклучат во новата работна средина. Исто така, кандидатите ќе научат и да ги идентификуваат  можните работодавачи, да подготват квалитетно Си-Ви, но и да се подготват за успешно интервју за работа. Ова беше исто така една од главните забелешки од компаниите од каде се жалат дека не добиваат квалитетни биографии за работа и оти кандидатите не покажуваат доволно знаења при интервјуата“, појасни Сарачини.

Моментно на македонскиот пазар на труд, според анализите на специјализираниот портал  vrabotuvanje.com, најбарани се кадрите од информатичко-комуникациските технологии и од стручните училишта. Во тек се огласи со кои се отвора можност за три илјади вработувања.

Според Дарко Велков, претставник на vrabotuvanje.com,  со младите треба да се работи затоа што од нив многумина аплицираат, без да знаат каде или без да имаат квалификации за работното место. Со подобар квалитет на работната сула, укажа, ќе се одговори и на конкуренцијата за слободните работни места.

„Има една симптоматичност бидејќи откако дојдоа големите компании многу од луѓето аплицираат и надвор од Македонија. Тука имаме разлика, односно тие  имаат малку повеќе знаења во однос на оние што се во Македонија  и аплицираат кај компаниите што се отворени во технолошките зони. Имаме на месечно ниво повеќе од 300 града надвор од Македонија што аплицираат да се вратат, што значи дека рецесијата е и таму и тука. Колку имаме подобар капацитет  да го земеме работното место толку помалку луѓе ќе доаѓаат  од страна“, рече Велков.