Стандардизирани здравствените прегледи на работниците

Здравствените прегледи кои им се вршат на работниците треба да бидат со стандарден минимум (кој се состои од анамнестички податоци, статус по системи и антропометрија, основни лабораториски анализи, испитување на функција на видот, аудиометрија, спирометрија, ЕКГ инт.), задолжителен за сите систематски, претходни, насочени и периодични прегледи. Ова е обврска на секоја овластена здравствената установа  согласно Уредбата за видот, начинот, обемот и ценовникот на здравствените прегледи на вработените, изработена согласно измените на Законот за безбедност и здравје при работа.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски денеска на прес-конференција рече дека како основна причина за иницирање на законските измени биле теренските информации кои ги добиле, а кои покажале дека здравствените прегледи кои им се вршат на работниците како редовни систематски прегледи, не се стандардизирани според видот и обемот односно не се опфатени сите сегменти, анализи и испитувања кои треба да им се направат на работниците заради констатирање на вистинската здравствена состојба кај секој поединец. Се соочивме со фактот, посочи Ристовски, дека постојат здравствени установи кои на своја рака ги диктираат цените и наплатувајќи пониски износи од утврдените во ценовникот создаваат нелојална конкуренција во оваа област.

„Здравствените установи се должни да ги почитуваат и цените предвидени за определениот пакет на здравствени услуги, односно не смеат да наплатуваат под цените наведени во ценовникот. Цената на преглед на основниот пакет односно стандардниот минимум е 800 денари по работник за работни места каде нема зголемен ризик во работењето. На дополнителниот пакет цената на преглед е 1.000 денари, и се однесува за работници експонирани на некои физички штетности. Проширениот пакет ќе чини 1.200 денари и се однесува на работници кои работат во неповолни микроклиматски услови, бучава, вибрации, работа на височина, под земја итн.“, рече Ристовски.

Специфичниот пакет, потенцира тој, чини 1.500 денари и опфаќа експонирани работници кои се изложени на хемиски штетности, гасови, биолошки агенси, посебни штетности и опасности.

„Измените на Законот се усвоени со цел подобрување на квалитетот на здравствените услуги и на давањето здравствените услуги од страна на овластените здравствени установи. Со измените го зајакнуваме механизмот на контрола односно надзорот над примената на овие прописи и работењето на овластените здравствени установи ќе го вршат Државниот здравствен и санитарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд“, рече Ристовски.

Тој додаде дека доколку овластените здравствени установи не ги извршат здравствените прегледи согласно Уредбата ќе бидат казнети. Глоба во износ од 5.000 до 8.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на правното лице, а во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност за одговорното лице во правното лице.

Министерот за здравство Никола Тодоров рече дека мерките се воведуваат за зајакнување на контролата за заштита при работа.

„На овој начин сериозно преземаме мерки против т.н. нелојална конкуренција која постоеше во овој сектор и како резултат на која се овозможуваше определени здравствени установи кои не ги исполнуваат сите критериуми да можат да даваат ваков тип услуги, а посебно се избегнува целосно можноста да се издаваат потврди без да се направи каков било преглед. Во Уредбата се предвидува за конкретен вид работа да има конкретни типови прегледи. На пр.ако некој работи со тешки хемикалии итн. има специфични прегледи кои опфаќаат и специфични анализи итн.“, истакна Тодоров.

Додаде дека на овој начин јавните здравствени установи ќе можат да остваруваат и повеќе приходи, самофинансирачки средства кои потоа ќе можат да ги искористат и за развој на јавната здравствена установа.