Ристовски: Измените на Законот за работни односи во полза и на работниците и на работодавачите

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски и директорот на Агенцијата за вработување  Влатко Поповски денеска имаа средба со претставници на работодавачите од приватниот сектор на која ги информираа за законските измени за работните односи.

Ристовски посочи дека тие се во насока на заштита на правата на работниците, но и во корист на работодавачите.

„На ваков начин создаваме услови за здрава, хумана и безбедна работна средина, како за заштита на луѓето кои што се вклучени во процесот на работа, во исто време, и заштита на работодавачите од непредвидени и неконтролирани економски и материјални загуби“, рече министерот за труд и социјална политика.

Притоа посочи на измените за заштита на жената работничка од дискриминација при бременост, раѓање и родителство, кои, како што рече, забрануваат секаков облик на дискриминација врзана со пристапот до вработување, условите за работа и сите права од работен однос, вклучувајќи го и откажувањето на договорот за вработување на жените кои се наоѓаат во состојба на бременост или користат права по основ на родителство.

Тој се осврна и на конкретните измени кои е однесуваат на сезонското ангажирање работници, според кој се предвидува вршењето на сезонска работа да се заснова работен однос и без јавно огласување, но најмногу до 90 дена, а исто така се предвидува и пробната работа да трае до три работни дена.

„Се утврди отказниот рок од седум работни дена за сезонска работа. Со измените предвидовме поради краткото времетраење на сезонската работа за времето до три месеци да не се исплатува испратнината. Во врска со прераспределбата на работата, поконкретно ги уредивме прашањата на прераспределбата на работата за вршење сезонска работа“, нагласи министерот Ристовски.

Посочи и на измените кои овозможуваат пријава по електронски пат за прекувремена, ноќна или празнична работа.

„Со сите наведени измени во законите во делот на работните односи и работничките права ние како Влада и како Министерство реално покажуваме дека се грижиме и работиме во насока на повисоко ниво на заштита на вработените, а од друга страна и заштита на работодавачите“, нагласи министерот Ристовски.

Претставниците на работодавачите од приватниот сектор изразија задоволство од измените и притоа имаа можност да им поставуваат поконкретни прашања на министерот Ристовски, на Поповски и на присутните од другите институции вклучени во реализацијата на Законот.

Од кластерот за текстил побараа од министерот Ристовски мислење дали е можно да се направат измени согласно кои во осумчасовното работно време на работниците во оваа индустрија да не се смета и предвидената пауза од половина час, заради, како што истакнаа обезбедување на конкурентност.

„Нашиот закон е согласен со европските стандарди. Паузата од половина час речиси во сите европски земји, со исклучон на некои скандинавски, се засметува во работното време. Мислам дека во ваква трудоинтензивна дејност не би било во ред паузата да не се засметува во работното време“, рече министерот Ристовски.

На денешната средба беше истакнато дека од почетокот на годинава се извршени 6.975 контроли од страна на трудовиот инспекторат. Во 236 случаи се поведени прекршочни постапки од кои најголем дел се за непријавена работа на црно.