Младински совет Охрид, Фондацијата Конрад Аденауер, претставништво во Република Македонија и Центарот за Европски студии од Брисел започнуваат со реализација на проектот „Мост помеѓу политиката и граѓанското општество – јакнење на учеството на младите на локално ниво“ во три општини во Република Македонија, Охрид, Струга и Ресен.
Целта на проектот од една страна е да помогне во надминување на јазот помеѓу граѓаните и институциите и поактивно вклучување на младите во општествениот живот, а од друга страна самите млади, претставници на политичките партии и граѓанскиот сектор преку заедничките семинари и работилници да направат стратегии за оддржливо и креативно нивно соучество во подобрување на живот во нивните општини.
Проектот предвидува оддржување на три подготвителни состаноци во секоја општина засебно на кои претставниците на подмладоците на политичките партии и граѓанскиот сектор ќе се запознаат со целите на проектот, притоа заеднички идентификувајќи ги нужните полиња на делувања и интереси. Ќе следуваат два заеднички семинари на кои учесниците од трите општини во заеднички работилници ќе добијат соодветни обуки и ќе работат на развивање на младински акциони планови за сопствените општини. Потоа ќе следуваат три форума во секоја општина пооделно каде ќе се разгледуваат предлозите, за да проектот заврши со конференција на која ќе бидат претставени резултатите од целиот проект.
Со овој проект ќе се делува во насока на запознавање и зближување на младите во трите општини, која ќе придонесе да младите заеднички без разлика на политичката или етничката припадност активно се вклучат во остварување на целите кои ќе обезбедат подобар живот на младите во нивните општини.